Во пресрет на пријателскиот натпревар Албанија – Македонија селекторот Мирсад Јонуз пред новинарите образложи дека очекува играчите со помала минутажа и оние новоповиканите да ја искористат укажаната шанса и да докажат дека им е местото во репрезентацијата.



– Знам дека дел од репрезентативците имаат во овој момент проблеми со своите клубови или се во потрага по нов трансфер , но сметам дека треба да им помогнеме со тоа што им даваме шанса како што тоа беше ситуацијата со Пандев, Деспотовски….И покрај тоа што недостасуваат неколку стандардни првотимци очекувам добра игра и се разбира поволен резултат. Ние како репрезентација секогаш играме на победа и тоа ќе биде и овојпат независно кој играч недостасува- изјави пред новинарите селекторот Јонуз кој демантираше дека дел од играчите кои не се на списокот спроведуваат тивок бојкот поради малата минутажа или пак изразуваат незадоволство поради статусот на „резервисти” .


По пауза од 1,5 година во националниот тим е стандардниот плејмејкер на софиски Левски- Дарко Тасевски. – Секогаш сум среќен кога ќе добијам повик во националниот тим и тоа за мене е големо признание, чест и задоволство. Ги следев сите натпревари на репрезентацијата со големо внимание. Тагував и се радував на поразите и победите како што се надевам дека ќе се радуваме на успех во Корча.

Националниот тим за Албанија патува денеска попладне и ќе се стационира во Поградец до стартот на натпреварот.

Планирани се два тренинга за утре во Поградец и Корча.

Селекторот Јонуз поради повреда го ослободи од обврските Тодорчев а на неговото место го повика Никола Глигоров. Натпреварот се игра в среда во Корча со поч. во 18ч.

“Извор ФФМ“