Селекторот на националниот тим, Мирсад Јонуз најави напад на Даблин при соопштувањето на спиоскот на играчи кои ќе настапат на квалификацискиот дуел со Р. Ирска што ќе се одигра на 26. Март во Даблин.


– Натпреварот е извонредно важен за обете селекции но не и клучен бидејќи до крајот на квалификацискиот циклус во оваа група ќе има многу изненадувања. Ние се фокусираме на нашата игра и во Даблин ќе настапиме во формација со тројца напаѓачи но и одбрана која ќе одговори на дефанзивните задачи, затоа се тука високите и цврсти халфови кои треба да го понесат товарот. Ние ја анализиравме играта на противникот, а ќе ги гледаме и последните две средби со Русија и Велс – рече селекторот Јонуз.

Повикани се играчи кои се меѓу најстандардните во последните квалификациски дуели, повратници се Георгиевски и Грнчаров,  а недостасува Тодоровски кој во моментов е во немилост на клубот.

На списокот со играчи за дуелот против Ирска се наоѓаат 20 кандидати: Един Нурединоски (Етникос Ахна, Кипар), Мартин Богатинов (Карпати, Украина), Кристијан Наумовски (Динамо Букурешт, Романија) – голмани, Бобан Грнчаров (АПОЕЛ, Кипар), Игор Митрески (Нефчи, Азербејџан), Николче Новески (Мајнц, Германија), Ванче Шиков (Етникос Ахна, Кипар), Александар Лазевски (Партизан, Србија), Горан Попов (Динамо Киев, Украина) – одбрана. Величе Шумуликоски (Сибир, Русија), Филип Деспотовски (Интер Баку, Азербејџан), Дарко Тасевски (Левски, Бугарија), Мухамед Демири (Тун, Швајцарија), Марио Ѓуровски (Металург Доњецк, Украина), Славчо Георгиевски (Нефчи, Азербејџан), Арменд Алими (Истра, Хрватска) – среден ред. Стевица Ристиќ (Амкар Перм, Русија), Иван Тричковски (АПОЕЛ, Кипар), Илчо Наумоски (Матерсбург, Австрија) и Горан Пандев (Интер, Италија) – напад.

Прозивката за репрезентативците е закажана за в понеделник во Охрид, каде што ќе се подготвува македонската репрезентација сж до заминувањето за Даблин на 24 март.