Поразот од Ирска со 2-0 кој ја закова Македонија на дното на табелата од втората група во квалификациите за Европското првенство повторно на дневен ред го поставува прашањето околу понатамошниот ангажман на селекторот Мирсад Јонуз на македонската клупа.


– Прво ќе преспијам и неколку дена ќе размислам за сето она што се случуваше на овој меч, но и во текот на целите квалификации. Потребна е анализа, но во следниве неколку дена ќе ја донесам одлуката и за тоа ќе го информирам Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија”, изјави Јонуз на прес конференцијата по натпреварот со Република Ирска.

Селекторот призна дека најавите на стартот од квалификациите оти во оваа група ќе се бориме за второто место беа преамбициозни, но и поради сплет на околности ние ги постигнавме досегашните резултати, тој исто така немањето среќа го посочи како главен проблем за неупехот.

– Головите ги примивме по наши грешки, можеше да биде поинаку ако судијата го досудеше и првиот пенал, а вториот за жал не го реализиравме. Во второто полувреме имавме контрола врз играта, но Ирците одлично се бранеа. Имавме многу проблем со додавањата, тука исто така правевме многу грешки – потенцираше селекторот на Македонија.

Ohridnews