Во чудни околоности и по многу математики Хрватска со сензационалната победа над домаќинот Полска обезбеди пласман во полуфиналето од Европското првенство. Со триумфот „коцкастите“ го потврдија фактот дека во спортот невозможното станува реалност.


– Многу работи се поклопија. Норвешка ја совлада Франција која беше апсолутен фаворит за златниот медал, а најслабиот натпревар домаќинот на ЕП го одиграа баш против Хрватска. Сето ова нашите репрезентативци го искористија одигрувајќи меч за паметење и прераскажување против Полска и сосема заслужено обезбедија пласман во полуфиналето. – рече Јосип Кежиќ.


Од полуфиналистите Шпанија, Хрватска, Германија и Норвешка само „црвената фурија“ беше вбројувана во тесниот круг за медал. На списокот се наоѓаа Франција, Данска и Полска.

– Од четирите селекции во полуфиналето Норвешка, Германија и Хрватска не се големи, но сепак се изненадувања. Што се однесува до Шпанија, таа е добра селекција, но на Европското првенство очигледно не победуваат добрите репрезентации туку оние кои повеќе ја посакуваат победата. – додаде хрватскиот интернационалец во охридските редови.


Голобрадите момчиња на Норвешка и Германија и „старата“ хрватска школа покажаа дека можат да се носат со далеку поискусните ракометари во европски и светски рамки. – Искуството во ракометот не е повеќе главен адут додека имаш млади момчиња кои сакаат да се надигруваат. Тоа најдобро го покажаа норвежаните кои им покажаа заби на домаќинот и Светскиот првак. – заврши ракометарот на Охрид.

Полуфиналните натпревари на Европското првенство на програмата се во петок, а мечевите за медалите во недела.

Мх.П.