Со свеченост што се одржа вечерва во спортската сала „Билјанини извори“ Јавната установа детска градинка „Јасна Ристеска“ го одбележаа патрониот празник.
Пред присутните се обрати директорката на установата Розе Костеска која се осврна на достигнувањата на градинките во процесот на воспитување на најмладите охриѓанчиња во децениите постоење на установата. Таа најави отворање на нови простории во кои ќе се згрижуват децата од приградските населби.
– Во 2013 година отворени се две групи во други просторни услови во с.Лескоец и Велгошти. Оваа година отворивме нова група во нас. Радојца Новичиќ, а завршени се подготовките и градежните работи за група во Пештани и секој момент се очекува нејзино официјално отворање. Во градинката денес згрижени се 872 деца, а за нив се грижат 116 вработени. – рече Костеска.
Костеска изрази благодарност на институциите и донаторите кои помогнале да се реализираат проекти со кои се подобрени условите за згрижување на децата, а како посебен успех таа ја подвлече трансформацијата на работните места на 35 ангажирани лица со договор на дело преку агенција за времени вработувања.
-Исто така на неопределено време вработени се повеќе лица на различни работни места, преку јавни огласи за вработување во текот на целата 2015 година. Во овој период 40 лица се стекнаа со работен однос во нашата установа. Со поддршка од УСАИД ангажирани се дополнителни 6лица на шест месеци, со скратено работно време. – истакна Костеска.
Присутните на свеченоста од име на локалната самоуправа ги поздрави заменик градоначалникот на Охрид Ангел Јанев.
Детската градинка во Охрид е формирана во 1963 година. Во 1971 година изграден е првиот наменски објект на сегашната установа „Јасна Ристеска“ а во 1987 година изградени се останатите четири објекти на градинката.
OhridNews