Обвинителот од одделот за организиран криминал и корупција Јован Илиевски е избран за судија на Европскиот Суд за човекови права. Неговиот деветгодишен мандат ќе почне на 1 јануари 2017, јавува „Телма“.

Комисијата за избор на судии пред 10 дена откако разговараше со тројцата кандидати од Македонија во Париз со тесно мнозинство и даде предност на Уставната судијка Наташа Габер Дамјановска, како најквалификуван кандидат пред Јован Илиевски, шефот на обвинителството за организиран криминал. Третиот кандидат, актуелниот амбасадор во Ватикан, Звонимир Јанкуловски не доби препорака од Комисијата. 

Според Европската конвенција за човекови права, при изборот на судија главен услов е тие да бидат со висок морал и да квалификации за оваа висока судска функција со признаени компетенции.

Изборот на кандидатите за судија во Судот за човекови права не одеше лесно. По првата поднесена листа од македонската комисија, од Стразбур беа вратени кандидатурите на директорката на Академијата за судии и обвинители Анета Арнаудова и управната судија Едита Накова, но не беше соопштено зошто тие не го поминаа првиот филтер.

Мандатот на еден судија трае девет години без право на реизбор, а новиот судија треба да стапи на должност во јануари идната година.

OhridNews
извор: „Телма“