Викендов во организација на  Велосипедската Федерација на Македонија во соработка со градовите Скопје, Тетово и Гостивар, Америчката Амбасада и невладина организација Флоразон, се одржа првиот Велосипедски Маратон на Мирот, Соживотот и Толеранцијата.


Натпреварот започна со првиот старт во центарот на Тетово. Натпреварувачите од категориите на Јуниори и Сениори со свечено дефиле низ улиците на Тетово се упатија кон Гостивар. По вклучувањето на автопатот и првата наплатна рампа започна и официјалниот натпреварот. Полицијата потполно ја стави во прекин делницата на автопатот Тетово – Гостивар. Движењето беше дозволено само позади конвојот со просечната брзина на велосипедистите која изнесуваше завидни 45 км/ч. По влегувањето на булеварот во Гостивар, на првиот кружен тек, групата велосипедисти започна да се враќа назад кон Тетово, а за само една минута по одминувањето на Јуниорите и Сениорите, судиите го означија стартот и за категориите, Мастер, Кадетите и Девојките. Пред наплатната рампа во Гостивар, двете групи се споија во една целина од вкупно пеесетина велосипедисти.


Натпреварот во континуитет се одвиваше по автопатот кон Скопје. На влезот пред Скопје се упатија на заобиколницата за да влезат во Скопје преку излез север кон населбата Визбегово, па свртување во десно па лево преку Вардар, покрај хотел Александар Палас, и повторно лево по улица Илинденска. Целата на натпреварот беше Собранието на град Скопје кај Зоолошката Градина.


На околу еден километар пред целта започна вистинскиот натпревар за пиедесталот. Следеше таканареченото – шпринтирање, со високо темпо и брзини од преку 50 км/ч, при што сите велосипедисти во краток рок од нецела минута ја поминаа целта. Судиската комисија ги дефинира победниците врз основ на видео запис.

Церемонијата на прогласување на победниците се одвивање пред самиот влез на Зоолошката градина.


На овој натпревар од Охридскиот клуб, Екодром – Дивела учествуваа според категории: сениори – Бленди Троци, кадети – Јован Јованоски, Петар Упевчески и Новица Велјаноски. Од вкупно 12 учесници во категорија сениори, Бленди Троци заврши на седмото место, кај кадетите од вкупно деветмина, Новица Велјаноски низ целта мина како петтопласиран, а на подиумот како трето пласиран се искачи Петар Упевчески, како второпласиран Денис Колевски, Вело – М од Куманово и како победник на највисокото место Јован Јованоски, Екодром – Дивела.


Успешно организиран настан со многу труд на велосипедистите кои делницата Тетово – Гостивар – Тетово – Скопје во должина од 100 км ја поминаа за 2:15 мин со просечна брзина од 42 км/ч.