Покуќнината која утрово од пред основниот суд во Охрид ја подигаа екипи на Ј.П. „Охридски Комуналец“, охриѓанецот Јовче Спиркоски ја оставил, затоа што, како што вели, немал друг избор.
-Бев приморан да ги однесам „пљачките“ пред судот затоа што конакот на црквата Св. Богородица Перивлепта во кој престојував до вчера, ќе се урива и мораше да ја тргнам покуќнината. Дојде полиција со извршител ми ја извадија покуќнината надвор пред црква. Јас морав некаде да ги однесам. Бев многу револтиран, немав каде и единствено ми беше пред судот, затоа што судот ми ја заклучи куќата во 2008 година и немав друго чаре.– изјави Спиркоски.
Тој со своето семејство престојуваше извесен период во конакот на црквата Св. Богородица Перивлепта, откако остана без својата куќа поради судски спор со деловен партнер. Тој тврди дека судскиот процес го загубил без докази врз основа на усмен договор, кој според него не постоел.
За однесувањето Спиркоски вчера бил предупреден од судот, а синоќа тој бил и приведен во полиција, откако на сила влегол во семејната куќа во населбата Кошишта, која е запечатена веќе 7 години.
-Донесов уште неколку тури пред судот и кога не можев, исцрпени бевме и јас и жената и децата, се решив на друг чекор. Влегов во куќата, го скршив стаклото, мене ме зеде полицијата и 12 часа ме држеше во станица. Беа коректни со мене и по истекот на мерката денеска ме пуштија.- рече Спиркоски.
Јовче вели дека повеќе нема да ја напушти одземената куќа, бидејќи нема каде да оди. Решен е да истрае во намерата дури и по цена и на живот.
-Што сака нека биде. И јас и жената и децата остануваме. Тие се прерадуваа кога влеговме, но детството на улица го поминаа. Сега не мрдам ако сакаат нека не убијат сите, никаде не мрдаме.-истакна Спиркоски.
Оддлуката со која на Спиркоски ја загуби куќата од 80 квадрати на Основниот суд во Охрид е потврдена и од Апелација, иако, како што вели тој, 60 квадрати од објектот биле дивоградба. Разочаран е од системот и смета дека само судот може да ја прекине голготата на неговото семејство. Бара да се преиспитаат одлуките донесени во процесот кој започнал уште во 2003 година. На неколку наврати тој штрајкуваше и со глад пред зградата на правдата во Охрид, но судот не ги промени своите одлуки.
Г.М.
Обновено: Кабаст отпад во знак на протест оставен пред Основниот суд Охрид