На охриѓани им е потребен еден бод за и теоретски да го обезбедат учеството во мечевите од плејофот во Супер лигата. „Гладијаторите“ прва шанса за заверка на пласманот меѓу ракометниот крем ќе имаат во петок во 18 часот против составот на Пелистер.
– Двете екипи се на исто рамниште, односно изедначени според квалитетот. За тоа говори првиот дуел кој заврши без победник, а и двата тима има свои мигови во текот на натпреварот. Овој пат ние ќе имаме мала предност, бидејќи ќе играме на домашен терен и пред охридската публика. – изјави Јовица Младеновски и додаде. – Бодовите нема да бидат од големо значење од овој меч, но секако треба да се победи и да остана тука во Охрид. Дуелот со Пелистер ќе биде наш генерален тест за престојните мечеви кои не очекуваат во плејофот.
Во фокусот на дерби средбата ќе бидат голманите Благојче Трајкоски и Кирил Колев кои заедно го сочинуваа голманскиот тандем на Македонија на Мундијалот во Франција.
– Двајцата голмани многу добро си ги одработуваат своите клупски задачи иначе не би биле повикани во селекцијата. Очекувам Трајкоски и Колев да се престават во добро издание и да го зачинат ова дерби кое е натпревар на сезоната во регуларниот дел од Супер лигата. – истакна Младеновски.
Левиот бек на Охрид беше дел од поширокиот репрезентативен список на Лино Червар, но не го поминаа последниот рез и не отпатува со останатите ракометари во Франција.
Мх.П.