Ј.П.”Охридски Комуналец” и оваа туристичка сезона работи со максимална ангажираност на вработените и специјалните возила за подигање отпад. Проблемите, кои за жал многу тешко се искоренуваат, произлегуваат од несовесното депонирање на зелен отпад, кабаст отпад, како и отпад од хартија, кои се депонираат во контејнерите наменети за депонирање на комунален отпад. Со тоа контејнерите веднаш се преполнуваат и граѓаните не се во можност да го депонираат комуналниот отпад од домаќинствата, велат од јавното претпријатие, во врска со реакциите на граѓанатите дека се почесто низ градот можат да се забележат контејнери преполни со отпад.

– Што се однесува пак до новата динамика и начин на депонирање на комуналниот отпад за граѓаните од Стариот дел од градот, до нашето прептпријатие секојдневно пристигаат пофалби од граѓаните и локалите од овој дел од градот. Со дислоцирање на контејнерите во близина на хотелот  “Александрија” се дислоцира и дивата депонија која секојдневно тука се создаваше на ова најпрометно место, велат од ЈП „Охридски комуналец“.

Од јавното претпријатие информираат дека за подигнување на степенот на хигиена, во текот на сезоната се  поставуваат нови 100 контејнери на целото подрачје на општина Охрид.

–    Поставени се 28 контејнери, денес на терен веќе се поставуваат уште 20, а преостанатите ќе се постават во наредните денови. Со оваа акција се заменуваат старите и дотраени контејнери, кои во зависност од состојбата ќе бидат темелно измиени, дезинфицирани и заменети тркалата. На овој начин ќе се зголеми  бројот на контејнери каде за тоа има потреба и каде во летниов период гравитираат поголем број туристи и викенд-гости, велат од „Охридски комуналец“.  
   
Оттаму, потенцираат дека за да се подигне нивото на хигиена не е доволно една страна, туку е потребно и другата страна да ја почитува динамиката и начинот на депонирање на отпад.

OhridNews