На седницата закажана на 15- ти март, пред советниците ќе се најде и предлог одлуката за давање  согласност на одлуката  за отстапување на правото на  одржување  на дел од водоснабдителниот ситем на подрачјето на општина Охрид, од ЈП „Нискоградба Охрид“ на МЈП „Проаква“ Струга, што изминатиот период го вршеше ЈП „Нискоградба“.

Неодамна ваквата одлука беше донесена од страна на Управниот одбор на јавното претпријатие. Станува збор за отстапување на дел од водоснабдителниот систем на подрачјето на општина Охрид : главниот водовод, магистрален вод, улична водоводна мрежа, заедно со дел на придружни објекти и опрема, материјални и човечки ресурси.


Од ЈП „Нискоградба“, објаснуваат дека до носење на ваквата одлука дошло поради тоа што одржувањето на водоснабдителната мрежа не е основна дејност на ова јавно претпријатие, туку на МЈП “Проаква” – Струга, Р.Е. ” Водовод “- Охрид.

– Сметаме дека доколку советот ја изгласа ваквата одлука, тоа позитивно ќе се одрази врз работењето на претпријатието, пред се во однос на приходите кои се остваруваат. Со превземањето на работниците од ЈП „Нискоградба“ во МЈП “Проаква” – Струга, Р.Е. ” Водовод ” – Охрид, одржувањето на водоснабдителната мрежа ќе биде под нивни ингеренции, за што од граѓаните се наплатува соодветен надоместок за водоснабдување.  Од оваа Одлука произлегува и носењето на Одлука за уредување на меѓусебните односи помеѓу МЈП “Проаква” – Струга и ЈП „Нискоградба“, по основ на стекнатите права и обврски, велат од ЈП „Нискоградба“.

Одлуката ќе стапи на сила веднаш, по добивањето на согласност од страна на основачот, односно Советот на општина Охрид.

OhridNews