Јавното претпријатие „ Охридски комуналец“ доби пет нови возила за подигање на комуналниот отпад, поточно четири возила за собирање цврст отпад и една хидростатична правосмукалка за собирање на помал отпад.

Како што истакна градоначалникот Никола Бакрачески станува збор за инвестиција со која по подолг период се обновува возниот парк на јавното претпријатие.

 

По период од 17 години ова е посериозна инвестиција со што јавното претпријатие има можност да го подигне нивото на услуги. Се заменуваат старите и дотраени возила кои создаваа сериозни проблеми во функционирањето на претпријатието при обавување на основната дејност, поради честите дефекти што се случуваа со што се отежнуваше собирањето на отпадот, што од друга страна беше предмет на критики на граѓаните и гостите. Набавката на овие возила ќе ја намали и ставката во буџетот на претпријатието на трошоци за сервисирање на старите возила, рече Бакрачески.

Директорката на јавното претпријатие, Елена Скрческа, потенцира дека од денес значително ќе се подобри ефикасноста во работењето на „ Охридски комуналец“.

Ќе нема дефекти на возилата поради што бевме неефикасни и не се реализираа работите со потребната динамика. Граѓаните ќе добијат навремена и сигурна услуга,  ние постоиме за граѓаните кои треба да живеат во здрава и чиста средина, истакна Скрческа.

Вредноста на набавените возила е 306. 328 евра.

OhridNews