Фудбалската репрезентација на Македонија ја забележа 50-та победа во историјата. Избраниците на селекторот Чедомир Јаневски тоа го направија на најдобар можен начин со триумф над Словенија (3-2).

На крилата на голманот Томе Пачовски и дебитантот Адис Јаховиќ, Македонија стекна “комотно“ водство од 2-0 во првото полувреме.  Чуварот на македонската мрежа Пачовски со одбранет пенал на Куртиќ во 7-та минута го круниса “бронзениот“ 25-ти настап во националниот дрес.

Репрезентативците на Македонија тоа го валоризираа во 26-та минута кога Тасевски со дебитанскиот погодок во 38-от настап носи предност 1-0 по асистенцијата на Јаховиќ.

Корпулетниот напаѓач Јаховиќ во 41-та минута дуплира 2-0. По центаршутот на Ибраими, Јаховиќ со глава рутински ја спроведе топката во мрежата постигнувајќи го дебитанскиот гол за него,  а јубелејниот 200-ти за Македонија. 

Измените на полувремето во репрезентацијата на “змајчеките“ донесоа свежина и разноврсност во играта. За само четири минути во вториот дел Печник намали на 2-1.

Радоста по постигнатиот погодок за словенците кратко траеше, само две минути.  Агим Ибраими успеа трет пат во низа да погоди за македонската репрезентација. Голема помош Ибраими имаше од голманот на Словенија,  Хандановиќ, кој реагираше неспретно по ударот од далечина.

Словенија одново се враќа во игра. Печник по додавањето на Кирмаз го постигна вториот погодок на мечот.

До крајот на натпреварот “змајчеките“ имаа изгледна прилика за изедначување, но Грначоров стигна да расчисти и ја поправи грешката на Демири.

Чедомир Јаневски успеа да слави победа над Словенија и како селектор откако на првиот официјален меч на Македонија како член на селекцијата на Андон Дончевски, тој беше стрелец на еден гол во победата од 4-1. 


Мх.П.
Фото : “Екипа.мк“