Вечерва сите погледи во Премиер Лигата ќе бидат вперени на “Ист Ајландс“ стадионот каде во 12-то коло ќе се сретнат лутите градски ривали Манчестер Сити – Манчестер Јунајтед. Големи се очекувањета на фановите на “граѓаните“ кои се “жедни“ за одмазда по трите порази во четирите натпревари во ланската сезона.


Дерби пресметките помеѓу Сити и Јунајтед секогаш носат возбудливи натпревари, во Премиер Лигата “црвените ѓаволи“ ги добија двата натпревари со погодоци во 90-та минута. На Олд Трафорд, Мајкл Овен го реши дербито во петтата минута од судиското продолжение додека во “плавиот“ дел од градот, Пол Сколс со погодок во 90-та минута се погрижи  “црвената“  боја да надвладее во Манчестер.


Менаџерот на “црвените ѓаволи“ Сир Алекс Фергусон е на голема мака кои единасетмина да истрчаат на градското дерби. Стратегот на “бебињата“ не може да смета на португалецот Нани, бразилскиот репрезентативец Андерсон, легендата во дресот на Јунајтед, Рајан Гигс а на последниот натпревар се повреди и повратникот во првиот тим англичанецот Овен Харгрејвс. Второ пласираниот Манчестер Јунајтед е во одлична серија од 11-ет кола без пораз во Премиер Лигата и е два бода зад лидерот Челси.  


Манчестер Сити е четврти на премиерлигашката табела со три бода заостанување зад соседот, а  пет бодови зад “сините“. Италијанецот Роберто Манчини поради црвениот картон на мечот со ВБА, нема да може да смета на сонародникот “палавиот“ Балотели, а повредени се уште новопечениот репрезентативец Адам Џонсон, големо олеснување за менаџерот е санирањето на повредата на ударната игла во нападот на Сити, поранешниот “ѓавол“ аргентинецот Карлос Тевез.


Двојки 12-то коло: Вест Хем – ВБА, Виган – Ливерпул, Вулверхемтпон – Арсенал, Астон Вила – Блекпул, Челси – Фулам, Њукасл – Блекбурн, Евертон – Болтон.

Табела: Челси 25, Мен Ју 23, Арсенал 20, Мен Сити 20 . . .

Мх.П.