Универзитетот за информатички науки и технологии – УИНТ „Св. Апостол Павле“ од Охрид, активно се вклучува во борбата против ракот. Под раководство на Д-р Александре Матов  од Универзитетската болница при Универзитетот „Корнел“ од Њујорк, младите истражувачи д-р Драги Кимовски и м-р Атанас Христов од УИНТ, ги вложија своите знаења од областа на компјутерските науки со цел развивање на нови компјутерски алгоритми за рана детекција и лекување на канцерогени заболувања.

Како што изјави д-р Матов, соработката помеѓу двата универзитети опфаќа два проекти кои целат развивање на ефективни алгоритми за детекција на клетки на малигни тумори во крвта, како и создавање на компјутеризирана персонална хемотерапија.

Работиме на два проекти, едниот со д-р Драги Кимовски, а другиот со м-р Атанас Христов. Развивме компјутерска програма која со висока точност детектира малигни клетки во крвта на пациентите. На еден начин, се обидуваме да создадеме нови алгоритми, кои во иднина ќе бидат побрзи и поефикасни, односно ќе можат да се употребуваат во анализите. Исто така, истражувачкиот проект цели и кон создавање на персонализирана терапија за пациенти на кои им е диагностициран рак на простатата и градите.“ – истакна Матов.

На покана на одделот за онкологија, истражувачите Д-р Кимовски и М-р Христов ќе гостуваат во Универзитетската болница при Универзитетот „Корнел“ во период од три месеци. Кимовски истакна дека новите алгоритми и супер компјутери би можеле да се искористат за побрза анализа и добивање податоци, кои би биле од голема помош на докторите во борбата против ракот.

Ќе се обидеме нашето знаење кое го стекнавме во изминатите 12 месеци, да го пренесеме на студентите. Се надеваме дека проектот ќе успее, бидејќи почнуваме нешто ново во Македонија. Сето она знаење што ќе го стекнеме во Корнел,  ќе се обидеме да го пренесеме тука. Во земјава имаме толку многу млади иснтражувачи и наставно-научни кадри, па мислам дека нема да биде проблем проектот да се реализира во пракса.“ – истакна Кимовски.

Ректорот на УИНТ „Св. Апостол Павле“, Нинослав Марина, истакна дека сороботката помеѓу двете високообразовни институции започнала уште минато лето, при посетата на Универзитетот „Корнел“ во Њујорк.

Утврдивме дека постојат услови за меѓусебна соработка, а ние би можеле алгоритмите да ги усовршиме со што ќе го инволвираме нашиот наставно научен кадар во целиот проект. Прв чекор кон продлабочување на сороботката е преку испраќање на д-р Драги Кимоски и м-р Атанас Христов во САД, кои ќе одат на посета која што е комплетно финансирана од „Корнел“. Тие ќе имаат можност на лице место да работат во лабораторијата на проф. Параскеви Јанакоку од „Веил Корнел Медицинскиот Центар“.“ – истакна Марина.

Проектот за развој на компјутерски базиран алгоритам кој што со висока точност детектира циркулирачки малигни клетки во крвта на пациентите заболени од рак, денеска беше промовиран во УИНТ. 

Инаку, во иднина се очекува реализација на повеќе проекти помеѓу Универзитетот за Информатички Науки и Технологии  „Св. Апостол Павле“ од Охрид, и високообразовните институции од Европа и САД.

О.Т.