Со свечен час, денеска беше означен почетоткот на новата академска година на Универзитетот за информатички технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид.


Од име на високообразовната институција новите студенти ги поздрави ректорот на Универзитетот проф. Д-р Данчо Давчев, кој на новите академски граѓани им посака успех во студирањето. Годинава, како што истакна ректорт Давчев, на Универзитетот за информатички технологии во Охрид во прва година се запишале над сто студенти, но се очекува тој број да се зголеми затоа што уписот на студентите од странство сеуште трае.


Давчев најави поголема меѓународна соработка со сличните образовни инстируции во светот, што ќе биде од голема полза за студентите, бидејќи ќе им овозможи да се стекнат со светски искуства.

-Имавме посета од претставници на Универзитетот во Норвич со кој е договорена размена на професори и студенти која веќе се подготвува. Имаме потпишано договор за соработка со Универзитетот во Вашингтон, а се подготвува соработка уште и со универзитетите во Охајо и Бостон кој што веќе ни понуди престој на наши студенти во траење од еден семестар во рамки на подолгорочна соработка која покрај размена на професори и студенти предвидува и работа на заеднички проекти, истакна Д-р Давчев.


Ректорот на Универзитетот за информатички технологии е оптимист дека кадрите кои ги продуцира оваа млада високообразовна институција имаат голема перспектива, особено поради фактот што информатичките технологии денес се присутни во речиси сите сфери.

-Ако треба да се очекува од некој да ја подобри општата економска состојба во Македонија се токму овие кадри кои што излегуваат од Универзитетите како што е овој. Не очекувам дека ќе има невработени од оваа област, може да има одлив понекогаш на таквите кадри од Македонија, но се надевам дека ќе се создадат услови, а веќе се создаваат, да тие останат тука и да го дадат својот придонес во развојот на државата, посочи ректорот Давчев.


Тој посочи дека Универзитетот има добиено акредитации за магистерски студии, за кои ќе биде распишан конкурс, како и дека наскоро се очекува да бидат добиени и акредитациите за организирање на докторски постдипломски студии.


На свеченоста присуствуваа бројни гости, а новите студенти ги поздравија ректорот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, проф. Д-р Пере Аслимоски, деканот на ФТУ-Охрид, проф. Д-р Сашо Коруноски, градоначалникот на Охрид, Александар Петрески и претставникот на бизнис заедницата од областа на информатичките технологии  Јованка Вретоска Гулеска од реномираната IT компанија „Јонгис“ која најави поблиска соработка со Универзитетот за информатички технологии.

Г.М.