По бројни најави, Охрид конечно ќе добие прифатилиште за бездомни животни, каде тие соодветно ќе бидат третирани. Тоа ќе биде изградено во некогашниот воен комплекс на локалитетот Мауцкер, на влезот од градот, а за бездомните животни ќе се грижат волонтерите од охридското Здружение за заштита на животните „Анималија“.
-Oдобрена ни е локација каде ќе можеме времено да ги сместиме бездомните животни. Согласно закон истите ќе ги вдомиме, или по истекот на одреден временски период ќе ги вратиме на местото каде се заловени, секако вакцинирани и стерилизирани.-изјави Климент Арнаудов од Здружението за заштита на животните „Анималија“.
Просторот каде ќе биде сместено прифатилиштетот за бездомни животни соодветно ќе биде уреден, опремен и обезбеден. Од „Анималија“ информираат дека за успешно функционирање на стационарот неопходно е да биде отворено барем едно регуларно работно место, за што во тек се разговори со локалната самоуправа.
Покрај од општината потребните средства за функционирање на прифатилиштето ќе се бараат и од меѓународни донатори, кои покажале интерес да го поддржат отворањето на првиот стационар за бездомни животни во охридскиот регион.
Г.М.