Требаше да дојдат експерти на УНЕСКО за да го воочиме тоа што беше очигледно. Требаше тие да дојдат за да им поверуваме на сопствените очи дека тоа што се издига над Плаошник доминира на древното кале, иако се започнати само две од предвидените дванаесет градби од комплексот кој според најавите на надлежните институции сега ќе содржи шест објекти, кои ќе имаат и по еден кат помалку. Дали сите тие се потребни веројатно ќе биде тема за полемика и во иднина.

На просторот кој со милениуми претставува духовно светилиште на христијаните, кон кој посебен култ негуваат и верниците муслимани, со археолошките истражувања кои во континуитет се спроведуваа долги години, откриени беа вредни базилики со раскошни мозаици и ретки прикази од Библијата. На темелите на старите градби беше подигната (возобновена) црквата Св. Пантелејмон, на кого Св. Климент го посветил храмот што самиот го изградил пред единаесет века на просторот од каде започна да се шири словенската писменост и култура и каде според преданијата тој бил погребан. Силната енергија која извира од ова светилиште ја почувствувале и отоманските освојувачи кои подигнале свој верски храм. Таму познатиот благородник Јусуф Синан Челеби Охризаде изградил имарет (народна кујна), поради што овој простор охриѓани го викаат и Имарет. На Плаошник – Имарет се наоѓа турбето каде почива Синан Челеби, кое исто така е ревитализирано.

Но, како да ни беше премалку историја, културно наследство и духовност на Плаошник, решивме да додадеме уште малку и тоа од се по нешто. И не само наше, овдешно, туку и светско, па така на Плаошник се планираа и афилијации на светски најпознатите универзитети и уште десетина други објекти. Реализацијата на амбициозниот комплекс започна со изградбата на музеј и црковна резиденција. Токму нивната габаритност ја отвори дилемата во стручната, но и кај обичната јавност за потребата од изградба на толку големи зданија и во толкав број на мал простор. За да се прошири истиот мораше да се сече и блиската борова шума.

Но, силните критики во јавноста едноставно не допираа до надлежните институции. Истите тие сега ги прифаќаат забелешките од УНЕСКО чија комисија неодамна изврши инспекција на заштитеното културно наследство во Охрид. Во нивното образложение за драстичното намалување на бројот на објектите во комплексот Плаошник кој се предвидува да биде готов до 2017 година, се вели дека и самите ја воочиле потребата од ревизија на првичниот план и дека заеднички со УНЕСКО било договорено што и колку ќе се гради. Веројатно сите овие непријатности и трошоци за ревизија на плановите ќе беа избегнати доколку тие консултации се извршеа пред да биде изготвен првичниот план за изградба на комплексот на Плаошник. За среќа и сега можеби не е доцна. Кој знае? 

OhridNews

Според најновите измени на проектите на Плаошник ќе се градат 6 објекти