Во развиените земји е намалена појавата и смртноста од оваа болест како резултат на програмите за скрининг, вакцинирањето против ХПВ инфекцијата и раното дијагностицирање на болеста, но во земјите од регионот сеуште има висок процент на дијагностицирани случаи на рак на грлото на матката.
– Конкретно во Охрид споредено со пред 5 години, свеста кај охридските жени е зголемена и поголем е бројот на жени кои редовно доаѓаат на контрола и вршат ПАП- тест. Сепак, голем е бројот и на оние кои воопшто не вршат редовни гинеколошки прегледи, а кои се од огромно значење во раното откривање на ваквото заболување, кое не ретко завршува со фатални последици, велат охридските гинеколози.
Според лекарите, само со заеднички активности на скрининг и вакцинација за период од 10-15 години може да се намали инциденцата од рак на грлото на матката.
Во тек е одбележувањето на неделата за борба против рак на грлото на матката и јануари како месец за јакнење на свеста за оваа болест. Од Здружението за борба против рак „Борка” наскоро најавија пет едукативни предавања поврзани со ова заболување и тоа во Охрид, Тетово, Куманово, Прилеп и Струмица.