Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „Неовластено производство и пуштање во промет на опојни дроги, психотропни сустанци и прекурсори“, СВР Охрид поднесе кривична пријава против 42- годишен албански државјанин на кого му е одредена мерка притвор до 30 дена.

На четрврти мај годинава во 23 часот и 45 минути, сега притворениот жител на албанскиот град Поградец бил затекнат на магистралниот пат Охрид -Кичево  во близина на патот за селото Волино. Во негова непосредна близина, сокриена во околна нива пронајдена е една црна платнена транспортна торба со  околу 33 килограми опојна дрога Марихуана. При детален преглед, констатирано е дека марихуаната била спакувана во дваесет и три најлонски кеси, информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

По извршениот увид на местото, во присуство на јавен обвинител, албанскиот државјанин веднаш е приведен, одземена е торбата со целокупната количина марихуана како и едно патничко моторно возило марка „Волксфаген-Пасат“ со албански национални ознаки.
Врз пронајдената марихуана извршено е вештачење во Министерството за внатрешни работи во Скопје.