При претрес во дом на 36- годишен жител на струшкото село Делогожда пронајдени се три пиштоли и една полуавтоматска пушка, како и повеќе парчиња куршуми, информираат од СВР Охрид.

Полициските службеници од полициската станица во Струга пронашле 42 парчиња муниција за полуавтоматско оружје калибар 9 мм. и 15 куршуми пиштолска муниција различен калибар. Оружјето кое лицето нелегално го поседувало е одземено и ќе биде предадено на вештачење во Министерството за внатрешни работи на Република Македонија во Скопје.

Покрај трите пиштоли и полуавтоматската пушка, при претресот пронајдено е уште едно огнено оружје-пиштол марка „Глог“ кое лицето го поседувал со одобрение со 16 куршуми. За ова оружје, полициската станица од Струга ќе поведе управна постапка за негово одземање.

– При претресот, дополнително пронајдени се и едно патничко моторно возило марка „Мицубиши“ со скопски регистарски таблици, но без соодветна документација за сопственост како и две моторни пили за кои постои основ на сомнение дека потекнуваат од кривично дело, информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

Поради постоење основи на сомнение дека лицето врши кражба на електрична енергија, повикани биле и службите на ЕВН кои при претресот извршиле увид и составиле записник за кражба на електрична енергија.

Полициската станица од Струга против 36- годишниот жител на Делогожда ќе поднесе кривична пријава поради постоење основи на сомнение дека го сторил кривичното дело „Недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“.