Презадоволен сум од мојот резултат, по трката добив честитки од поранешни светски и европски шампиони. Сите тие беа воодушевени од моето „нестандардно “ возење“, рече Атанас Николовски, кајакарот на диви води, кој во неделата на СП во Љубљана, на реката Тацен го освои седмото место.

„Само јас и сега актуелниот светски првак Даниеле Моменти од Италија возевме со таков стил. Повеќето кајакари на диви води последните четири-пет години возат по некои востановени стандарди, или поточно копираат стилови“, рече на денешната прес конференција Николовски.


Со најдобар резултат во полуфиналето, Атанас Николовски, се пласира за финалната трка. Во финалето, на половина од патеката тој имаше резултат за сребрен медал, но заработи шест казнени секунди и на крај се позиционира на седмото место.

„Најтешкиот дел во Љубљана беа квалификациите бидејќи имате 100 кајакари на стартот кои треба да ги победите. Во квалификациите бев на граница на испаѓање, во полуфиналето немав што да загубам и со мирно возење се најдов во ситуација да се борам за медал. Во финалето немав никаква трема, бев подготвен за освојување на едно од трите места на подиумот. Без казнените секунди ќе завршев како четврти, треба да го анализирам моето возење, да видам да ли грешката беше моја или едноставно налетав на „лоша“ вода“, вели Николовски.

За остварен врвен резултат на светско ниво законот за спорт на Република Македонија предвидува добивање на спортска стипендија.

„Николовски во наредните четири години ќе добива месечна стипендија во износ од две просечни плати, или околу 40.000 денари. Ова треба да биде доволна стимулација тој дополнително да работи на себе“, рече првиот човек на Агенцијата за млади и спорт, Диме Спасов.

Основна работа на која Атанас сега треба да се фокусира е обезбедување на олимписка норма, со која би ја продолжил традицијата на настап, на македонските кајакари на диви води на најголемиот светски спортски собир. Следната година е предолимписка во пресрет на ОИ во Лондон во 2012 година.

„Николовски е бисер на Македонскиот спорт. Македонскиот олимписки комитет и Агенцијата за млади и спорт имаат цврст договор за координација и ние ќе сториме се за да му помогнеме на Атанас да има нормални подготовки“, вели претседателот на МОК, д-р Васил Тупурковски.

До ОИ во Лондон има нешто повеќе од 17 месеци, период во кој ќе се анализира возењето во Љубљана, но и период во кој Николовски го очекува напорна работа за остварување на конечната цел.

„Резултатот треба да биде исклучителен мотив за Лондон и следната предолимписка година. Овој резултат треба да им биде мотив и на другите млади спортисти, дека со поддршка и напорна работа можат да се постигнат врвни резултати“, смета претседателот на Кајак федерацијата на Македонија, Лазе Поповски.

На прес конференцијата, Поповски, информира дека и понатаму ќе работи  на развивање на кајакарскиот спорт во Македонија. На СП од челниците на светската кајак федерација, тој побарал поддршка за организирање на натпревари од Светската серија во Македонија.

Поповски најави и дека Македонија ќе ја истакне својата кандидатура за добивање на организацијата на ЕП за јуниори во кајак на диви води, кое треба да се одржи во 2014 година.

Извор “Макфакс“
Ohridnews