Туризмот како динамична стопанска гранка бележи големи промени во однос на потребите и барањата на гостите, затоа е неопходно понудата на Охрид, како туристички центар, да се прилагодат кон барањата со цел да се продолжи туристичката сезона, сметаат експертите по туризам.
– Прво мораме на една маса да ги седнеме различните засегнати страни во туризмот, како што се туристичките агенции и сопствениците на сместувачките капацитети. Потребите се менуваат, се повеќе постои потреба за авантуристички туризам, а за да добијат информации и познавања во однос на овие активности потребна е работа. Јас како некој кој го знае Охрид од деството, би кажал дека треба многу работа во сферата на новиот концепт на споделена економија. Во Охрид има многу празни капацитети. Тие во комбинација со пристапноста преку аеродромот и патиштата се предуслов за продолжување на сезоната, смета Албион Идризи, консултант за локални и меѓународни организации во туризмот, кој има работно искуство во Германија и Косово.
Своите ставови и искуства поврзани со туризмот, Идризи им ги пренесе на присутните на работилницата посветена на зголемување на продажбата на сместувачките капацитети во Охрид што се одржува во хотел Милениум. Темите на оваа работилница имаат за цел да овозможат подобро искористување на продажните и дистрибутивните канали и да ја зголемат продажбата сместувачките капацитет преку целата година.
– Ова не е работа само на еден човек или на една група од приватното сместување, тоа е наша заедничка цел на нашата група за управување со дестинација. Ако во некоја сезона не сме доволно атрактивни, тогаш можеме да понудиме содржина за која што ќе останеме атрактивни се додека имаме јасна визија која е целната група која сакаме да ја привлечеме, во тој случај можеме да направиме добар пакет и добри цени, потенцира Елена Иванова, туризам сектор менаџер во ИМЕ програма на Swisscontact.
Иванова потенцира дека годинава со збогатената програма за празниците се докажало дека е можно капацитетите во Охрид да се полни и вон сезона.
Настанот се одржува во рамки на ИМЕ програмата „Зголемување на пазарната вработливост“, програма на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ), имплементирана од Сњиссцонтацт, а во организација на ЕСА Охрид.
OhridNews











