Здружението на лекари специјализанти (ЗЛС) го промовираше новиот водич за здрав живот под наслов „Како до здрави навики“, со кој нуди јасни и практични препораки за подобрување на животниот стил кај сите генерации.
Водичот опфаќа теми како што се балансирана исхрана, безбедно и ефективно вежбање, управување со стрес, контрола на крвниот притисок и шеќерот, како и стратегии за постепено откажување од пушење или премин кон помалку штетни алтернативи. Советите се усогласени со актуелните насоки на водечките европски здравствени асоцијации, пренесен е на јасен и разбирлив јазик и поткрепен со научни докази.
Водичот е изработен од специјалистите и специјализантите од Здружението на лекари специјализанти (ЗЛС), асс. д-р Никола Манев, д-р Александра Георгиева, д-р Симона Сапунџија, д-р Наташа Петровска и фитнес тренерот Марио Јовановски.
Со овој водич сакаме да допреме до што повеќе луѓе и да ја поттикнеме свеста дека здравите навики не се привилегија, туку избор што секој од нас може да го направи. Нашата цел е да понудиме алатки кои ќе помогнат на поединците да го преземат здравјето во свои раце – чекор по чекор, без притисок, но со поддршка и информации што се навистина важни, изјави д-р Александра Георгиева.
„Како до здрави навики“ ќе може бесплатно да се преземе од веб-страницата на Здружението на лекари специјализанти, а летово претставници на ЗЛС ќе присуствуваат на музички фестивали и општински настани низ земјата, каде што посетителите ќе можат да го добијат водичот во печатена форма и да разменат идеи со лекарите и волонтерите.
Водичот е дел од проектот „Стоп за лоши навики“, поддржан од Филип Морис, кој иницира јавен дијалог за најчестите незаразни болести и нивната превенција и ја охрабрува примената на здравите животни навики на индивидуално и на колективно ниво. Здружението на лекари специјализанти (ЗЛС) во рамките на проектот организираше фокус групи со дискусии за навиките на македонската популација, растечката пандемија на дебелина со посебен акцент на младата и тинејџерската популација, нискиот интерес за континуирана физичка активност, злоупотребата на алкохолот и пушењето.
Здружението на лекари специјализанти се основаше пред осум години, поради потребата за вистинско претставништво на младите лекари – особено на приватните специјализанти кои долго време беа во маргинализирана положба. Во овие години, ЗЛС се изгради како глас и заштитник на младите здравствени работници со проактивен пристап кон јавното здравје.
OhridNews