Репрезентациите на Шпанија и Германија ќе се борат за златниот медал во финалето на Европското првенство кое ќе се игра во 17 часот. „Црвената фурија“ беше вбројувана меѓу фаворитите, но не и Германија која заедно со Норвешка се изненадувања на шампионатот.


Спортската редакција на Ohrid News праша дел од ракометарите на Охрид за свој тип и размислување за финалниот меч, а сите типуваа на Шпанија.

Горан Андоновски (Шпанија) – Селекцијата на Шпанија од меч во меч игра подобро и подобро. Тие формата ја темпираат за овие мечеви, а најдобра илустрација за тоа видовме на мечот со Хрватска. Мислам дека „џокер“ во финалето на шпанците ќе биде Арпад Штербик кој имаше само еден брилијантен меч на Европското првенство. Никако, не смее да се отпише Германија која за победа ќе мора да одигра многу јака одбрана на линијата од шест метри.


Дарко Павловиќ (Шпанија) – Шпанците имаат искусна селекција за разлика од Германија која е млада и надежна екипа. Очекувам добар и тврд натпревар, а подобрата одбрана ќе победи. И да не забораваме, финале се игра можеби еднаш во животот и нема тука штедење се оди со цела енергија.

Благојче Трајкоски (Шпанија) – Германците се изненадување на европскиот шампиони и нема да биде вистинско чудо ако станат прваци. Но, мислам дека искуството на вака важни мечеви е на страна од шпанците и дека тоа ќе пресуди. На ова ЕП голманите го имаат последниот збор, а токму тука ја гледам шансата и предноста на Шпанија.


Крсте Андоновски (Шпанија) – Шпанија не импресионираше многу на Европското првенство. Одигра нерешено со Словенија, а претрпе пораз од Данска. Кога победуваше тоа го правеше со 2-3 разлика. Но, сепак Шпанија е далеку поискусна селекција од Германија која е составена од млади ракометари кои играат во најаката лига во светот Бундес лигата. Отсуството на Вајнхолд и Дезингер поради повреди ќе се осети многу во германскиот состав и очекувам во тврд натпревар Шпанија да излезе како победник.

Малик Хогас (Шпанија) – Европското првенство беше одлично за гледање бидејќи имаше многу изненадување и ништо неможеше да се предвиди. Финалниот меч сигурно ќе биде одличен натпревар како и секое финале на големите собири. И давам шанса на Шпанија, но не сум цврсто убеден во нивни триумф и не ја исклучувам можноста за изненадување како што помина и целото Европско во Полска.

Елдин Вражалица (Шпанија) – Меч во кој ќе се судрат искуството и младоста. Германија како аутсајдер стигна до финалето и мислам дека нема да може да ја надиграа Шпанија. Очекувам голманите на Шпанија да го имаат главниот збор особено Арпад Штербик кој само еднаш на Европското покажа што знае и умее на голот.

Шпанија до сега се неме израдувано на трофеј од Европското првенството, а Германија победи еднаш во 2004 година година на турнирот во Словенија. 

Мх.П.