На 5-ти септември 2009 година во 10.35 часот на околу 200 метри од брегот во близина на плажата Елешец потона бродот „Илинден“. Во несреќата загинаа 15 бугарски туристи.

Благодарение на пожртвуваноста на капетанот на бродот Сотир Филески и присебноста на посадите на бродовите „Александрија“ и „Кристина“, други храбри граѓани и лекарските екипи, беа спасени 38 туристи од Бугарија и туристички водич од Охрид. 

Техничка неисправност и претовареноста на бродот на кој дополнително му била монтирана горна палуба, беа наведени како причини за големата трагедија. 

Бродот „Илинден“ редовно пловеше на Охридското Езеро, а честа дестинација му беше Св Наум, кон каде беше упатен и на денот на несреќата. Љубомир Станковиќ ни испрати фотографија од едно од последните патувања на „Илинден“ во август 2009 година. Бродот е полн со туристи, слично како и кобниот 5-ти септември, кога сплет на низа несреќни околности доведоа до голема трагедија, по која следеа бројни законски измени за подобрување на безбедноста на пловидбата на Охридското Езеро.

По неколкумесечна истрага Основниот суд во Охрид подигна обвинение за предизвикување тешки дела по безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот против капетанот на бродот „Илинден“ Сотир Филески и овластениот претставник на осигурителната компанија германски Лојд, Бранко Баиќ , кој го извршил техничкиот преглед на пловилото. И двајцата беа прогласени за виновни и им беше изречена казна затвор од по една година. Ниту едно одговорно лице од институциите задолжени за безбедноста на пловидбата не седна на обвинителна клупа.

OhridNews

Одбележана годишнината од бродската несреќа