Кирил Јорданоски, 23-годишен веб дизајнер и професионален фотограф од Охрид ги изготви финалните дизајнерски решенија на новиот изглед на OhridNews. Тој ги склопи коцките од мозаикот креативни идеи и решенија на кои независно едни од други работеа повеќе дизајнери и веб програмери. Во интервју за OhridNews, тој говори за процесот на создавање на редизајнираниот веб сајт на најчитаниот онлајн медиум во поширокиот регион, како и за неговата професија и идните предизвици.

OhridNews: Вие ги вклопивте во заврша целина креативните дизајнерски решенија на новиот изглед на OhridNews. Како течеше процесот и колку сте задоволни од конечниот изглед на OhridNews? 

Кирил: Сметам дека конечно OhridNews го доби вистинскиот дизајн и функционалност кој што го заслужуваше долго време. Се направија големи промени и се воведоа нови категории, а сепак се задржаа карактеристичните бои кои беа и претходно симбол на OhridNews. Откако се вклучив да бидам дел од тимот соработници на OhridNews пред неколку години, задоволство ми е да работам со еден ваков професионален тим, така што и овој пат со задоволство ја прифатив понудата и затоа сигурен сум дека направивме одлично решение за читателите.

OhridNews: Читателите позитивно реагираат на новините во новиот дизајн, но има и такви кои се уште се привикнуваат. Како го оценувате новиот дизајн во споредба со претходното решение?

Кирил: Секогаш мора да постојат читатели на кои нема да им се допаѓа некое ново решение, но оваа форма е направена за да одговара за сите, а впрочем да биде помодерна и пофункционална. Сега секој од читателите може да ја најде својата омилена категорија која не е исполнета со многу реклами и е убаво организирана. За да се дојде до ова се пратеа новите и модерни решенија кои ги користат сите светски дизајнери. Внимававме да нема пренатрупан дизајн со секакви елементи, премногу ефекти во секој детал, како и премногу бои.

OhridNews: Што велат професионалците со кои соработувате за новиот редизајн на OhridNews?

Кирил:Новиот дизајн веќе го споредуваат со многу познати светски портали – како одлично решение, а доби доста позитивни критики од сите мои соработници и пријатели кои секојдневно го посетуваат порталот.

OhridNews:Од кога се занимавате со веб дизајн и кои се проекти до сега ги имате реализирано? 

Кирил: Со веб дизајн се занимавам од 14 годишна возраст, тоа беше периодот кога започнав да ги правам првите веб страници кои беа насочени кон промоција на туризмот во Охрид: visit-ohrid.com, vilakale.com, villaoldtown.com, borisimatej.com, hotelambasador.net. Подоцна се приклучив од тимот на “Лав Медиа Груп” и сорабував со тимот за изработка на познатиот македонски портал taratur.com, па исто така бев дел и од тимот на www.gsm.mk – единствениот Македонски веб портал за мобилни телефони, тимот на Охридско лето и веб порталот кој беше направен за 2012 година, а тука се и уште повеќе од 50 други веб проекти кои се изработени од моја страна и моите колеги со кои соработувам.

OhridNews:Оваа професија не познава граници, дали можеби соработувате или работите за странски пазар?

Кирил: Само мал период до сега работев за странскиот пазар, претежно работам со пазарот тука кај нас од самиот мој почеток.

OhridNews: Вие се занимавате исто така со уметничка фотографија и изработувате видео спотови. Кажете ни нешто повеќе за тоа? 

Кирил: Во последните неколку години се насочив во една сосема нова категорија и започнав да работам со продукциски услуги и изработка на професионални фотосесии, како и видео спотови. Тренд во светот од поодамна е да се изработуваат професионални свадбени видеа од најубавите моменти на младите. Веќе создадов тим со кој одлично соработуваме и имаме направено многу проекти кои повеќето се веќе забележани од страна на јавноста. За сите оние кои што сакаат да ја погледнат нашата работа, може да ги разгледаат нашите видеа.

OhridNews: Конкретни планови за иднина?

Кирил: Веќе работам на неколку поголеми проекти кои ќе влезат во моето портфолио и ќе бидат достапни наскоро за јавноста, но сето тоа е наменето за пазарот надвор од границите на Македонија. Како што доаѓа времето, навистина неможе да се опстои ако се работи само за нашиот пазар, но во ниеден случај нема да го изоставам. Веќе брендот кој што го создадов “Zebra Production” е познато име меѓу свадбените продукции, така што најмногу од мојата енергија ќе ја вложам во активности околу истата.

OhridNews