„Чистилиште на душата“ е насловот на документарно-играниот филм на младиот охридски режисер Илија Пиперкоски, кој премиерно ќе биде прикажан на 24 декември во Центарот за култура во Охрид. Филмот кој е посветен на одбележувањето на верскиот празник Богојавление – Водици во Охрид, покрај промоција на традиционалните вредности, открива и многу интересни детали околу фаќањето на крстот во осветените води на Охридското Езеро, вели Пиперкоски.Седумдесет и пет минутниот документарно – игран филм го снимаше „Pandora’s Бox Production“ на Илија Пиперкоски кој се потпишува како продуцент и режисер на филмот. На проектот работеше екипа од Романија каде е направена и постпродукцијата на филмот.
Охриѓанецот Илија Пиперкоски, филмска режија дипломирал на Националната Филмската Академија “Јон Лука Караџиале”- Букурешт, Романија, каде моментално посетува постдипломски студии во класата на светски познатиот филмски режисер, Дан Пица. До сега има режирано повеќе кратки и документарни филмови, со кои учевствувал на реномирани филмски фестивали ширум светот, а добитник е и на значајни признанија и награди. Минатата година на фестивалот „Браќа Манаки“ ја освои 2-та главна награда за најдобро сценарио за игран филм.












