„Чистилиште на душата“ е насловот на документарно-играниот филм на младиот охридски режисер Илија Пиперкоски, кој премиерно ќе биде прикажан на 24 декември во Центарот за култура во Охрид. Филмот кој е посветен на одбележувањето на верскиот празник Богојавление – Водици во Охрид, покрај промоција на традиционалните вредности, открива и многу интересни детали околу фаќањето на крстот во осветените води на Охридското Езеро, вели Пиперкоски.
– Пред да почнам со снимањето на филмот, идејата ми беше да го прикажам прославувањето на овој празник, а воедно и нашата култура и традиција на фестивалите ширум светот и да биде пример за другите православни земји, што значи да се живее за овој празник и масовно да се прославува. Но, за време на снимањето, менталитетот и карактерактерот на македонскиот народ, посебно на охриѓани, филмот го насочи кон еден неповратен правец во кој ќе се открие вистината како тоа истите луѓе постојано го фаќаат крстот и ќе се даде одговор околу тоа дали постојат наводни местења.-изјави Пиперкоски.

Седумдесет и пет минутниот документарно – игран филм го снимаше „Pandora’s Бox Production“ на Илија Пиперкоски кој се потпишува како продуцент и режисер на филмот. На проектот работеше екипа од Романија каде е направена и постпродукцијата на филмот.

Охриѓанецот Илија Пиперкоски, филмска режија дипломирал  на Националната Филмската Академија “Јон Лука Караџиале”- Букурешт, Романија, каде моментално посетува постдипломски студии во класата на светски познатиот филмски режисер, Дан Пица. До сега има режирано повеќе кратки и документарни филмови, со кои  учевствувал на  реномирани филмски фестивали ширум светот, а добитник е и на  значајни признанија и награди. Минатата година на фестивалот „Браќа Манаки“ ја освои 2-та главна награда за најдобро сценарио за игран филм.

OhridNews