Tрибина на тема „Фер избори низ целата земја“ ќе се одржи денеска со почеток во 17 часот во Центарот за култура. Трибината е дел од  кампањата што ја спроведува Националниот демократски институт за меѓународни работи – НДИ, со цел да се подигне свеста на граѓаните за важноста тие да минат во фер и демократска атмосфера. На настанот ќе присуствуваат: Британскиот амабасадор во Македонија, Н.Е. Кристофер Ивон, кандидати за пратеници од Охрид како говорници и претставници на политички партии, како и невладини организации и граѓани.

Од НДИ потенцираат дека настанот нема никаква политичка позадина и строго се придржува кон неговата главна цел, а тоа е подигнување на свеста на членовите на политичките партии, како и јавноста за важноста да се поддржи Кодексот на однесување за слободни и фер избори.

Кампањата на НДИ која се спроведува под мотото “ Каков белег ќе оставиме?”, е прифатена и поддржана од сите политички партии во Македонија, од што произлезе Кодексот на однесување кој е потпишан од сите претседатели на политички партии.

Националниот демократски институт за меѓународни работи е невладина организација со седиште во Вашингтон, САД, а во Македонија работи од 1993. НДИ работи со Собранието на РМ на зајакнување на неговите демократски капацитети.

OhridNews