Туристичкиот шпиц е зад нас, но официјални бројки за тоа како мина главната сезона, како и за бројот на посетителите и остварените ноќевања, се разбира нема. Државниот завод за статистика ги објавува со задоцнување, додека локалната самоуправа има развино софтвер за евиденција на туристичките капацитети, но нема евиденција.
А, во светот одамна туризмот се анализира низ бројки и никако поинаку. Така се одредува стратегијата за идниот развој, се проектира инфраструктурата, се решаваат комунални и сообраќајни проблеми, се носат бизнис планови и.т.н. Кај нас сеуште се потпираме на “слободни проценки“ на новинарите. Според нив во шпицот на сезоната дневно во Охрид имаше и до 50.000 туристи, што е далеку над капацитетите на издржливост на Охрид. Но дали бројот на посетители е репер за добра туристичка сезона. Граѓаните на Охрид велат не. Точно 986 читатели на ohridnews одговориле дека оваа туристичка сезона не е успешна, наспроти 628 кои го сметаат спротивното.
квантитетот не значи квалитет ?
Во раговор што го направивме недамна, професорот од Факултетот за туризам, д-р Зоран Тунтев изнесе мислење дека Охрид нема стратегија за развој на туризмот. Градот кој по сите мерила заслужува да биде туристичка дестинација сега е градежна дестинација, вели Тунтев. „Во Охрид најголем бизнис испадна да градите згради наместо да го развивате туризмот, за жал недостигот на стратешки определби доведуваат до една таква неблагодарна ситуација“, додаде Тунтев. Според него туризмот не оди заедно со градежништвото. Охрид го губи сјајот и доколку продолжиме со вакво темпо на градење најатрактивните локации ќе станат неатрактивни, предупредува Тунтев.

Можеби работите ќе почнат да се менуваат на подобро по донесувањето на Национална стратегија за развој на туризмот која се очекува да биде завршена во ноември.
Г. Момироски













