– Револтирани сме од информациите дека раководството во црквата Св. Ѓорѓија во Горна Bлашка маала одлучила да го смени стариот делкан камен со гранитни плочи. Разбираме што мораа да го сменат покривот, но заменувањето на стариот камен со нови гранитни плочи, според нас, е навистина апсурд. Се надеваме дека нема да им текне да ги сменат и иконите затоа што биле стари, па да нарачаат да им нацртаат нови, велат револтирано граѓаните.
Од црквата потврдија дека одлучиле да го сменат подот со објаснување дека бил стар.
– Сакаме да направиме поубав амбиент за граѓаните кои доаѓаат овде, особено за оние кои се најредовни. Ова е една од неколкуте цркви кои постојано се одржуваат, велат од црквата. Додаваат дека менувањето на подот ќе се финансирало по пат на донација од граѓани.
Од Завод и музеј- Охрид велат дека оваа црква не е под нивна заштита. – Сепак од наша страна ќе се изврши увид врз проектот врз кој ќе се врши реновирањето на подот, вели директорката Тања Паскали- Бунташеска. Според директорката, не треба да се става голем акцент на тоа што црквата одлучила да го менува подот.
Стручните лица, објаснуваат дека одлуката да се менуваат старите камените плочи е неиздржана. – Подот има добиено патина, а особено плочите пред олтарот кои така вклопени во целината, беспрекорно одговараат на црковниот амбиент и иконите кои се наоѓаат во црквата, велат тие.
Иконите во црквата Света Ѓорѓија потекнуваат од 17 до 19 век. Според годината која е издлабена на источната страна, оваа црква датира од 1838 година, а била изградена врз темели на постара црква. Градена е од делкан камен,со исклучок на покривните венци и апсидата, која е петтострана и со слепи ниши од бигор. Живописана е во 1889 г., но живописот е обновен од зографот Ѓоко Крстески во периодот од 1973 до 1983година.