Граѓаните бараат поголемо присуство на полицијата во ноќните часови каде се собрираат младите, но и поставување на безбедносни камери на плоштадите и шеталиштата со цел да се идентификуваат и казнат лицата со девијантно однесување. Ваквите реакции доаѓаат по последниот вандалски чин изминатиот викенд, кога во паркот покрај патеката од каналот Студенчишта до Горица беа искорнати повеќе украсни дрвја и беа запалени палми.

-Не знам какви служби да имате да внимаваат на крај се се’ сведува на свеста и совеста на граѓаните и односот кон јавното добро. Во паркот покрај новата патека од каналот Студенчишта до Горица искорнати се 6 украсни дрвја и запалени се 6 палми. Екипите на паркови и зеленило работат на санирање на штетите. – изјави Томе Џамтоски – портпарол на општина Охрид. 

Од општината велат дека опожарените палми нема веднаш да се заменат затоа што според стручните лица постои можност тие сами да се обноват. Но дел од стручњаците се сомневаат во таквиот исход, дотолку повеќе што најголемиот дел од 200-те палми кои беа засадени од поранешната влада на охридското крајбрежје речиси целосно се исушија за време на зимата. 

Г.М.