Живееме во време кога технологијата е составен дел од секојдневието, а податоците се еден од највредните ресурси. Сајбер криминалот претставува закана за сите нас, а одговорот на тие предизвици е токму сајбер безбедноста, нагласи Елена Ивановска, државен секретар во Министерството за образование и наука, во обраќањето на Кампот за сајбер безбедност за средношколки што се одржa во Охрид.

Сајбер безбедноста е мултидимензионална, опфаќа технички, правни, етички и општествени аспекти и истовремено е една од најбрзорастечките области во светот, со голем недостиг на квалификувани професионалци. Тука своето место можат да го најдат и многу девојки и млади жени. Овој проект е значаен токму затоа што ги охрабрува да стекнат практични знаења и да изградат пат кон иднина во која ќе бидат рамноправно вклучени во сајбер заедницата, рече Ивановска.
Проектот опфати основање на клубови за сајбер безбедност во 10 средни училишта низ цела држава и вклучи 150 ученички од втора и трета година, наставници за ИТ и кариерните советници, кои поминаа осум работилници.
Министерството за образование и наука го поддржа проектот како дел од партнерството со Британскиот совет во градење практични компетенции кај младите.
OhridNews












