Кампањата ,,Подај рака и промени живот, стани згрижувач”, која е наменета за промоција на згрижување, а има за цел да се зголеми бројот на згрижувачки семејства во земјата, утре во Охрид во периодот од 11 до 15 часот на Градскиот плоштад, пред заинтересираните граѓани, ќе ги презентира придобивките од згрижување и начинот на кој можете да станете згрижувач.
Бројот на деца без родителска грижа и оние во ризик да го изгубнат сопственото семејство, е голем и потребни се повеќе згрижувачки семејства, за секое дете да може да биде заштитено од насилство и злоупотреба, да има стабилно домување и згрижувач. Настанот првенствено е наменет за сите заинтересирани граѓани, со потенцијал да станат згрижувачи, кои преку промотивни материјали и директни консултации со стручни лица, како и самите згрижувачи, можат да се информираат, повеќе за згрижувањето, велат во соопштението од Општина Охрид.
Згрижувачите добиваат услуга на стручна помош и поддршка преку центри за поддршка за згрижувачки семејства, но и месечен надомест за згрижено дете, надомест за згрижувач, како и други придобивки, согласно потребите на децата за кои се грижат.
За сите кои се заинтересирани да станат згрижувачи, а немаат можност да присуствуваат на настанот, повеќе информации за тоа како да станат згрижувач, можат да добијат на телефонскиот број 075/277-477 и веб страната http://www.zgrizuvanje.mk.
Националната кампања се спроведува од страна на СОС Детско село, во соработка со Центрите за поддршка на згрижувачки семејства ,,11 Октомври” и ,,Битола”, Министерството за труд и социјална политика и локалните самоуправи, а овозможена е од страна на Германското министерство за економски развој и соработка.
OhridNews












