Тројцата охридски кандидати за пратеници од ВМРО- ДПМНЕ, Александар Николоски, д- р Сашо Василевски и д- р Љубен Арнаудов, денес, до јавноста се обратија од пред реконструираниот блок при Општата болница , како што потенцираа, од пред најголемиот реализиран проект во здравството во Охрид и поширокиот регион на југозападна Македонија.

Проектот за реновирање и доизградба на Општата болница, каде се вработени двајцата кандидати за пратеници, д- р Василевски и д- р Арнаудов, беше целосно финансиран со средства од буџетот на РМ. Започна како реконструкција со помалку од 1 милион евра, по што следуваа и градежни активности за кои беа потрошени околу 7 милиони евра. Болницата доби и најсовремена опрема и сега претставува најмодерен здравствен објект во Охрид. Ова е доказ дека и она што го ветуваме за во идниот период, како што се проектите за новите здравствените објекти, како и досега ќе го оствариме, рече кандидатот за пратеник Александар Николоски.

Актуелниот директор на болницата и кандидат за пратеник, д- р Љубен Арнаудов, потенцира дека болницата е изградена според најсовремени стандарди, одделенијата се издвоени од оперативните сали со што е постигната голема безбедност на оперираните пациенти.

Добивме најнова опрема во вредност од 1 милион и 460.000 евра меѓу кои комјпутеризиран томограф, за што со сопствени средства изградивме и нов објект, добивме и два најсовремени ехо апарати, апарати за анестезија, одржување во живот на пациентите, гастро кабинети, рече д- р Арнаудов.

Д- р Сашо Василески рече дека денешната прес конференција пред Општата болница е особено емотивен момент за него со оглед на тоа дека сиот досегашен работен век го поминал во таа здравствена установа.

По преземањето на раководењето со оваа болница се соочивме со низа големи проблеми меѓу кои и кадровата недоекипираност. Со помош на нашите пратеници, со нивното влијание во владата, сега имаме позитивни резултати. По 6 години може да се заклучи дека сега охридската болница и новиот објект се значителна алка во пополнувањето на модерниот мозаик на македонското здравство, рече Василевски.

Тој потенцира дека во последниот период од  56.000 прегледани пациенти во интерното одделение, само 40 биле препратени во скопскиот Клинички центар.

– Тоа значи дека со квалитетен тим и современа апаратура, подготвени сме да одговориме на сите предизвици, со што се растеретува и македонското  здравство. Но, овде не завршуваме. Следи реконструкција и на интерното одделение, а со надлежното министерство направивме договор од нашата болница да направиме регионална болница, дисперзирана клиника што значи дека медицинскиот персонал нема  да има потреба од доедуцирање во клиники во Скопје, туку во договор со клиниките, три пати во неделата, ќе се вршат интервентни процедури врз наши пациенти, во кои ќе учествува наша обучена екипа и и екипи од Клиничкиот центар во Скопје, со што ќе бидат избегнати трошоците за патување на нашите пациенти, додаде д- р Сашо Василевски.

Василевски потенцира дека недостатокот од медицински персонал е сериозен проблем на чие решавање ќе се работи и во идниот период и долгорочно ќе се решава, при што се разгледува и опцијата  за регионализација на охридско- струшкото здравство .

Т.К.