Здружението за борба против рак „БОРКА – За секој нов ден“ од Скопје, во рамките на својата кампања за одржување на едукативни предавања за жените заболени од рак на дојка, во понеделник, 26. април 2010 година, ќе одржи едукативно предавање во Охрид.

На предавањето што ќе се одржи во Салата на Советот на општина Охрид со почеток во 18,00 часот. д-р Мери Пешевска – специјалист онколог од ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија од Скопје, ќе говори на тема: „Рано откривање и третман кај ракот на дојката“;а д-р  Милан Ристески – специјалист онколог од ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија од Скопје, ќе се осврне на тема: „Реинкарнација на куркуминот во модерната медицина базирана на докази“.

При тоа Здружението за борба против рак „БОРКА – За секој нов ден“ ќе го промовира и подели прирачникот за жените заболени од рак на дојка „Дали е тоа рак на дојка“, а Медикус-хелп ќе промовира и додели прирачник за физичките активности на жените заболени од рак на дојка. На настанот ќе бидат презентирани и ортопедски помагала за жените заболени од рак на дојка, а на одреден број на жени заболени од рак на дојка со лоша социјална положба „Борка“ ќе им донира протези и специјални градници за носење на протезите. Истите се донација од фондацијата Тхе Росе Фоундатион од Хјустон – Тексас, САД, партнер на Здружението „Борка“, кои со помош на Амбасадата на САД во Република Македонија беа донирани на Здружението „БОРКА“.

Настанот е организиран со поддршка на женскиот центар „Бисера“ од Охрид и локалната самоуправа.

OhridNews