Охрид нема соодветно место за паркирање на камперски возила, па поради тоа странските туристи кои пристигнуваат со т.н. трeјлери, се принудени да се паркираат и да престојуваат во центарот на градот. Во текот на изминатите неколку дена,  вакви возила со холандски, француски и австриски регистарски таблички, можеа да се забележат во близина на мостот кај каналот Студенчишта, на паркингот по кејот, но и во близина на градскиот плоштад.


Камперите спијат на улица

Туристичките работници сметаат дека Охрид има големи потенцијал да влезе туристичката мапа на кампер-туристите, но мора да вложи во соодветна инфраструктура и да уреди локација неменета за овој вид туристи.

-Не може нашиот најголем туристички центар да нема некое соодветно место за оваа намена, кое е во близина на градот. Камперите кои доаѓаат на краток престој или  на поминување низ Охрид, немаат време да бараат каде има автокампови, па таму да се паркираат. Тие претежно се заинтересирани за централниот дел на градот и занаменитостите, па затоа и најчето ги гледаме паркирани во близина на кејот на Охридското Езеро. Некои од тие возила стојат таму и по неколку дена, а туристите спијат буквално на улица, а знаеме дека тоа е недозволиво и за нивната безбедност, но и за самиот имиџ на градот, велат туристичките работници, со кои поразговаравме на оваа тема.

Тие потенцираа и дека состојбата е лоша и во автокамповите на охридското крајбрежје, кои се надвор од  сите стандарди, потребни за модерниот кампинг-туризам.


Понекогаш се паркираат и на плоштадот

Градоначалникот на Охрид Александар Петрески, лани најави дека за годинешнава летна сезона, општината ќе уреди соодветно место за паркирање на кампинг-возилата.

– Веќе е направен план за уредување на излетничка зона на потегот кај рекреативната патека по каналот Студенчишта. Таму планираме да поставиме клупи, да поплочиме патеки и да направиме паркинг, каде што ќе може да се паркираат камп-возилата. Тука веќе се поставени инсталации за вода, струја и канализација. Се надевам дека со уредувањето на овој парк ќе може полесно да се евидентираат кампер-туристите во Охрид, како и да им се наплати туристичка такса за престој, изјави  Петрески, во јуни 2011 година.


Вака изгледа камп за трејлери во странство

Од Агенцијата за промоција на туризмот на Република Македонија велат дека за развој на камп-туризмот не треба да размислуваат само надлежните институции, туку за овој вид туризам потребна е и приватна туристичка визија.

– Кампинг-туризмот е извонредна можност за самовработување и отворање на сопствен бизнис на нашите граѓани. Имено, сите оние што имаат имот околу езерото или до главните патни правци, имаат можност со мала инвестиција да отпочнат свој бизнис. Кај нас најчесто за камп се мисли на камп со приколки, што е погрешно. Модерните кампери најчесто доаѓаат со свои возила-кампови, т.н. трејлери, кои бараат само парцела со приклучок на струја, вода, средени тоалети за да престојуваат. Хит во Европа е отворање кампови од овој вид, велат од Агенцијата.

Во септември, минатата година, Македонија учествуваше на  Саемот за кампинг-туризам во Есен, Германија, заедно со другите земји од регионот, по што веќе е започната подготовката на специјални брошури за македонските кампови.

Е.М