Тињата во каналот Студенчишта не е исчистена веќе 40 години, што го намалува капацитетот на каналот, што пак има негативни последици врз живиот свет кој живее тука, изјави градоначалникот на Охрид Александар Петрески.

Тој потсети дека пред четири децении постоел брод „Херој“ со кој се чистел талогот од крајбрежјето и дека државата треба да размисли за купување на ваков брод, кој ќе може да се користи и за чистење на талогот на потегот од Пристаниште до Горица, каде има и и најмногу тиња.

Според проценките, набавката на специјален брод за чистење на талогот од езерското дно чини околу 5 милиони евра.

– Чини колку еден споменик, но државата која инкасира средства од производство на електрична енергија од водата на Охридското Езеро пари има за се само не за Охридксото Езеро, рече Петрески.

Тој додаде дека општината нема надлежност над каналот Студенчишта, но доколку биде побарано од неа таа бесплатно ќе го исчисти.  Чистењето на каналот, според Петрески може ефикасно да се изврпи и со механизација од брегот бидејќи теренот го дозволува тоа.

OhridNews