И по изминат месец и половина од распишувањето на вториот конкурс за избор на директор на националната установа фестивал „Охридско лето“ од надлежното министерство молк за тоа до каде е постапката и дали може за скоро време да се очекува конечно да биде познато името на новиот, прв човек кој ќе раководи со оваа реномирана установа. Од министерството за култура овој пат не сакаат ниту да откријат колку кандидати се пријавиле на конкурсот, ниту дали некој од нив е од Охрид, освен дека се задоволни од одзивот.


Во меѓувреме, селекторот на драмскиот дел од програмата, Ѓорѓи Јолевски и селекторот на музичкиот дел, Гордана Јосифоска- Неделкоска, работаат на изготвувањето на програмата за годинешното фестивалско издание.

Како што информира актуелниот ВД директор на Охридско лето, Васил Зороски,  се работи интензиво на составувањето на програмата.

Околу 70% од настапите се потврдени, но сеуште сме во фаза на преговарања. Со тоа што станува збор за реномирана манифестација при преговарањата не треба да се брза. Во тек на април очекуваме дека програмата ќе биде целосно изготвена па ќе можеме да ја објавиме во јавноста, вели Зороски.

Според најавите и како по традиција, отварањето ќе биде музички спектакл.  Но, како што вели Зороски, сеуште е многу рано да се открие за што конкрентно станува збор.  
   
Зороски, во јуни заминува во пензија и надежите се дека до тогаш министерот за култура, Канечска- Милеска ќе донесе одлука кој ќе раководи со фестивалот Охридско лето.

Т. К.