Министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, денес ја посети куќата на охридското семејство Бојаџиеви, каде се во тек градежни активности за нејзина санација, во рамки на проектот на министерството за реконструкција на приватни куќи, кои се проценети како објекти од особена историска и културна важност.

Врз куќата на Бојаџиеви веќе се завршени првите две фази од реконструкцијата, односно обновени се покривот и интериерот на горниот кат. Во третата фаза е предвидено да се заврши приземниот дел од објектот и фасадата.

–    Станува збор за значаен споменик на културата, специфичен објект од 19 век кој го има задржано автентичниот изглед, според охридската староградска архитектура, рече Канческа-Милевска.

Таа додаде дека слични градежни активности ќе бидат извршени и на неколку други објекти во Охрид, меѓу кои и куќата на Ајри Доко.

Во рамки на работната посета во Охрид, министерката Канческа- Милеска, оствари средби со директорите, односно раководителите на националните установи од областа на културата во градот.

На средбите било разговарано за програмските активности предвидени за реализација во текот на оваа година, како и за проекти од национален интерес чија реализација е предвидена за наредната 2013 година.

Министерката информира дека за потребите на Националната установа – Библиотека „Григор Прличев“ владата донела одлука за остапување дополнителен простор за потребите на библиотеката, од Јавното претпријате за стопанисување со деловен простор.

Како проект во насока на развојот на културното живеење и потребите на Охрид, од страна на Министерството за култура, се најавуваат и активностите за покривање на сцените на Долни Сарај и на Античкиот театар.

OhridNews