На средбата, на која присуствуваа и заменик-министерот за култура Драган Недељковиќ, директорот на манифестацијата „Струшки вечери на поезијата“, Мите Стефоски и претседателот на Управниот одбор Славе Ѓорго Димоски, Сероте ја изрази својата огромна благодарност за убавиот пречек и додаде дека посетата на Република Македонија долго ќе ја памети.
Министерката за култура Канческа-Милевска, изразувајќи задоволство од годишнатото издание на манифестацијата „Струшки вечери на поезијата“ истакна дека од особено значење е во наредниот период да се воспостави комуникација и културна размена помеѓу Република Македонија и Јужноафриканската Република.
Канческа-Милевска, гостинот од Јужноафриканската Република, го информираше и за бројните инвестиции кои Владата на Република Македонија и Министерството за култура ги спроведуваат во областа на културата, како и за проектите за меѓународно претставување на нашата земја. Министерката за култура го потенцираше и значењето на конференцијата за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог, која следната година по трет пат ќе се одржи во Охрид и на која покана за учество ќе добијат и претставниците на религиите од оваа земја.
Монгани Вали Сероте со својата сопруга, во текот на денешниот ден посети и повеќе културно-историски споменици во Скопје, меѓу кои и Спомен-домот на Мајка Тереза и Музејот на македонската борба.












