По големиот пожар што денеска го зафати манастирот „Трескавец“, во Прилеп пристигна Министерката за култура Елизабета Канческа-Милеска за целосно да се информира за состојбата во овој комплекс.

Таа изрази жалење за немилиот настан, во кој изгореа конаците на манастирот. „Веднаш по информацијата заедно пристапија претседателот на државата, Владата, Армијата, општината и целиот град за да се помогне во гаснењето на пожарот. Изгореа конаците, но значајно е тоа што се сочуваа црквата која датира од 13. век и трпезаријата од 14 век.“ – изјави Канческа-Милеска.

Министерката истакна дека веднаш ќе се направи план за да се обнови манастирот и оти во моментов стручните лица од прилепскиот Завод и музеј вршат увид на лице место.

Утре ќе доставиме целокупна информација до Владата. Ќе има акциски план за брза санација и реконструкција на опожарениот дел. Веднаш ќе се изработи проект и преку надлежните институции ќе пристапиме да извршиме брза санација и реконструкција за да се вратат автентичноста и сјајот на конаците што изгореа.“ – додаде министерката Канческа-Милеска.

Според Владиката Климент, првично пожарот почнал од гостинска соба. „Првични сознанија се дека пожарот почнал во гостинска соба и се ширел кон монашкиот конак. Во моментот на избувнувањето, во манастирот биле искушеникот Калист и еден гостин.“ – изјави владиката Климент, потенцирајќи дека пожарот е ист со оној од пред 23 години.

Инаку противпожарните екипи и доброволците, ќе останат крај манастирот „Трескавец“ се додека огнот целосно не се изгасне.

OhridNews