На средбата, на која присуствуваа и в.д. директорот на „Охридско лето“ Васил Зороски и музичкиот селектор Гордана Јосифова-Неделковска, Канческа-Милевска се заблагодари за укажаната чест што оваа врвна уметничка компанија од Шпанија, која е популарна во целиот свет, ќе го отвори реномираниот фестивал “Охридско лето“.
Уметничкиот директор на компанијата „Ла фура делс баус“, Карлус Падриса, на средбата го изрази своето задоволство што за прв пат ќе настапат на една манифестација со толку долга традиција и додаде дека петдецениско успешно постоење на еден фестивал е реткост во целиот свет.
Канческа-Милевска на гостинот од Шпанија му ја подари и монографијата за фестивалот „Охридско лето“ која беше изработена по повод минатогодишното златно издание на светски познатата манифестација.
Ексклузивното отворање на фестивалот „Охридско лето“ со делото „Трилогија Романа“ во изведба на Македонската филхармонија, а во продукција на „Ла фура делс баус“ од Барселона е дел од светската премиера на оваа поставка која на 17 јуни ќе се одржи во Валенсија, на 2 јули во Рим, а на 12 јули на Античкиот театар во Охрид, со што и Република Македонија ќе заземе посебно место на уметничката мапа на оваа светски позната компанија.