Министерот за култура и претседател на Националната комисија на УНЕСКО, Елизабета Канческа-Милевска во Охрид оствари билатерална средба со генералниот директор на УНЕСКО, Ирина Бокова, која е во дводневна официјална посета на Република Македонија, по повод јубилејното, 50-то по ред, издание на манифестација „Струшки вечери на поезијата“.


– Сакам да го истакнам фактот дека Република Македонија има одлична соработка со УНЕСКО. Од особено значење е што минатата година, оваа меѓународна организација ги стави на листата на јубилеи на интернацоналниот календар, одбележувањата на: 100 години од раѓањето на Мајка Тереза и 50-годишниот јубилеј на Струшките вечери на поезијата, истакна Канческа-Милевска.

Министерката за култура подвлече дека поддршката на УНЕСКО е потенцирана и во реализацијата на првата и втората светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог кои се одржаа во 2007 и 2010 година во Охрид, а од особено значење е и фактот што во 2013 кога се предвидува да се одржи третата конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог, се одбележува и 10 години од првиот регионален самит на шефови на држави кој во одржа во Охрид, 2003 година на иницијатива на трагично починатиот претседател Борис Трајковски. Република Македонија и Министерството за култура Третата конференција ќе ја посветат и на овој јубилеј и во таа насока се очекува и понатамошната поддршка од страна на УНЕСКО.


На средбата со високиот претставник на УНЕСКО, Канческа-Милевска информираше за реализацијата на значајните активности во врска со Охридскиот регион како светско културно и природно наследство, за изготвениот План за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион, за донесувањето на Законот за управување со Охридскиот регион како светско културно и природно наследство, како и Законот за прогласување на старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење.