Два германски гиганти од автомобилската индустрија ќе отворат свои фабрики во Охрид каде ќе се вработат 1800 граѓани, најавија денеска кандидатите за пратеници од Охрид во 5-тата ИЕ, на пресконференцијата која се одржа на булеварот „Железничка“.

Кандидатот за пратеник Александар Николовски изјави дека вчера во Битола економскиот тим на премиерот постигнал договор со германската компанија „ОМВ електирк“ од Франкфурт да инвестира во Охрид.

-Се работи за инвестиција во автомобилската индустрија. На почеток ќе се вработат 100 луѓе, а до крајот на годината во фабриката која ќе се изгради во индустриската развојна зона во охридско – струшкиот регион ќе почнат да работат 1000 луѓе. Заедно со претходно најавената инвестиција на исто така германски гигант од автомобилската индустрија кој што најави отварање фабрика од 800 вработени, тоа се 1800 вработувања во Охрид во следните 2-3 години. Ваков број вработувања се отвара прв пат по 35 години во Охрид.-рече Николовски.

Тој истакна дека тоа што го ветува ВМРО ДПМНЕ и го исполнува, посочувајќи го примерот со булеварот „Железничка“. Притоа тој најави нови инвестиции во инфраструктурата во Охрид и охридско.

– Булеварот Железничка е втор булевар во градот комплетно изграден со средства од владата во вреднист од 100 милиони денари со што се реши едно од најголемите инфраструктурни прашања на Охрид, овој дел од градот доби квалитетно сообраќајно решение и заживеа. Во 2015 година ќе почне да се гради експресен пат со четири ленти од Охрид до Св. Наум кој ќе поминува над Косел, Лескоец, Велгошти, Св. Стефан и Коњско и ќе го растовари сообраќајот на овој потег. Ова сообраќајно решение заедно со автопатот Охрид – Кичево ќе значи автопатско поврзување на Охрид со Албанија, а доколку се изнајде концесионер и со Гостивар. – додаде Николовски.

Одговарајќи на новинарско прашање на забелешките на политичките ривали од СДСМ дека инвестициите кои ВМРО ДПМНЕ ги најавила во Охрид не се реализирани како изградбата на туристичкиот комплекс на Субрата Рој, изградбата на луксузни хотели на брегот на Охридското Езеро и други, Николовски истакна дека тавите забелешки се беспредметни, особено на ден кога се објавуваат нови вработувања во Охрид.

-Ги гледаме резултатите на СДСМ токму на оваа улица, затворен Отекс, Илинден, подолу Езерска, Застава, ЖАС…. Тоа се нивните дела, а нашите дела се гледаат низ цела република. Во Битола никој не веруваше дека ќе проработи индустриската зона во Жабени па еве ја работи. И во Штип никој не веруваше дека Џонсон контролс ќе отвори фабрика па еве ја работи. Најдобриот доказ за нашите ветувања се остварените проекти. Во однос на хотелските комплески се надеваме дека заедно со СДСМ ќе пиеме кафе во Смол лакшари ресорт, кој ќе се гради на брегот на Охридското Езеро, но би сакал да потсетам дека најголемата опструкција за изградбата на овој хотел беше токму од советничката група на СДСМ која изгласа комуналии од 90.000 денари за метар квадратен се со цел да се блокира инвестицијата, така да ние имаме дела, а тие имаат блокирања.-изјави Николовски.

На прес конференцијата кандидатот за пратениок на ВМРО ДПМНЕ Д-р Сашо Василевски, ги повика граѓаните во недела масовно да излезат на избори и да му ја дадат поддршката на актуелниот претседател и кандидат за втор мандат Ѓорге Иванов.

-Иванов е човек кој е посветен на државата, кој во изминатиот период не направи ништо со што би ги загрозил националните интереси и единствен кој ја повлече црвената линија за националните интереси и кој заедно со владата е сложен и уигран тим кој ќе ја води државата во реформи кои ќе значат просперитет и на нашиот град.-рече Васлилевски.

Кандидатот за пратеник Д-р Љубен Арнаудов го најави вториот митингот на коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ во Охрид кој ќе се одржи во понеделник, 14 април на централниот плоштад во 19 часот.

OhridNews