Кандидатите за пратеници на ВМРО ДПМНЕ од Охрид , докторите Сашо Василевски и Љубен Арнаудов и Александар Николоски, со прес конференција што се одржа денеска го означија официјалниот почеток на предизборната кампања за предвремените парламентарни избори.

Искусниот парламентарец Александар Николоски, најави дека ВМРО ДПМНЕ во Охрид ќе води позитивна кампања.

-Нашата цел е во следните 20 дена да имаме позитивна кампања во која ќе презентираме што се сме направиле во изминатите 8 години и што се ќе направиме.-рече Николоски.

Според Николоски најважен проект кој ќе се реализира во наредниот период е изградбата на автопатот од Охрид до Кичево. Тој истакна дека овој проект е најголемо инфраструктурно дело кое ќе се реализира во поновата историја на Македонија со вкупна вредност од 375 милиони евра, обезбедени со кредит од кинеската влада со исклучително поволна каматна стапка од 2,5 проценти и рок на отплата од 20 години и 5 години грејс период.

-Рокот на изградба е 3 години, односно во 2017 година очекуваме да биде готов автопатот од Охрид до Кичево. Неговото значење е огромно, пред се за подобро поврзување на Охрид со остатокот на државата, за развој на туризмот, за развој на локалната економија и најбитно ќе значи нови работни места. Првите ефекти веќе се чувствуваат. Кинеската влада го почитува договорот според кој 49 проценти од фирмите кои што ќе работат и 51 процент од работниците треба да се од Македонија. Деновиве една градежна фирма објави оглас за 600 вработувања, а во наредниот период ќе бидат распишани нови огласи за околу 1000 вработувања и ги повикувам охриѓани да аплицираат и да ги добијат овие работни места.-рече Николоски.

Д-р Љубен Арнаудов изрази оптимизам во изборниот резултат што ќе оствари ВМРО ДПМНЕ во 5 ИЕ и воопшто на претстојните избори.

-Денеска официјално започнуваме со кампањата за предвремените парламентарни избори на кои очекуваме победа на ВМРО ДПМНЕ, која како партија покажа дека е најорганизирана во Македонија, рече Арнаудов.

Д-р Сашо Василевски кој на листата на владејачката коалиција се најде на високото 4-то место рече дека кандидатите за пратеници од Охрид во предизборната кампања нема да ветуваат нереални проекти и соништа и ќе се залагаат за интересите на градот Охрид.

-Ние како парламенатрци ќе направиме се во однос на лобирање при носењето на законската регулатива се со цел нашиот град конечно после долги години да профункционира и на централно и на локално ниво како власт.-рече Василевски.

Предвремените парламентарни избори ќе се одржат на 27 април.

OhridNews