Нови вработувања, развој на мултикултурно општество, стимулирање на аграрот и поддршка на младите, најавија кандидатите за пратеници, на вечерашниот митинг на Коалицијата за позитивна Македонија во Охрид, која ја сочинуваат Алијансата за позитивна Македонија и Партијата на обединети пензионери и граѓани на Македонија.
Носителот на листата во втората изборна единица и претседател на главниот одбор на АПМ, проф. д-р Владо Бучковски, пред присутните изнесе детали за трите носечки проекти кои се однесуваат на ситумилирање на аграрот, поддршка на младите кои имаат добри бизниси со кредити во висина од 300 000 евра, како и создавање на една голема компанија за увоз и извоз, која ќе го обезбедува пласманот на земојделските производи.
„Прво да го стимулираме аграрот и да отвориме нови работни места. Второ, младите луѓе кои имаат добри бизниси да ги поддржеме со кредити кои ќе ги дава Македонската банка за поддршка за развој. Тие ќе бидат во висина од 300 илјади евра, а гаранција нема да биде хипотека или залог на движни предмети, туку самиот бизнис. Третиот проект се однесува на создавање една голема компанија за увоз и извоз, која ќе обезбедува пласман на земјоделските прозиводи. Убеден сум дека начинот на кој ние ја водиме оваа кампања, влезе кај многумина просечни граѓани. Мислам дека затоа ние ќе бидеме најпријатно изненадување на овие избори.“ – рече Бучковски.
Доц. д-р Игор Камбовски, носител на петтата изборна единица и член на главниот одбор на АПМ, рече дека Алијансата и Коалицијата за позитивна Македонија, претставуваат вистинска шанса да се направи нешто добро во земјава.
„Алијансата и Коалицијата за позитивна Македонија е предизвик и шанса за сите нас, да конечно на 27-ми април, да ги отвориме двете очи и да погледнеме напред со мисија, визија, со надеж, со позитивна енергија, да направиме нешто добро за Република Македонија. Одлучете позитивно и заокружете го бројот девет.“ – рече Камбовски.
Марија Спироска, кандидат за пратеник од редовите на АПМ во 5-тата ИЕ, потенцира дека на Охрид му се потребни динамика и вработувања, како единствен начин за задржување на младите во градот.
„Неоддамна по социјалните мрежи беше актуелна една фотографија од охридскиот плоштад, сликана во понеделник во 17 часот, кога луѓето треба да си одат од работа, да биде градот жив. Но на фотографијата немаше ниту еден човек. Насловот гласеше, Охрид – град на духови. Драги мои, да не дозволиме убавината на Охрид да биде само да ја одмориме душата. На Охрид му треба динамика, а на охриѓани работа. Само така ќе ги задржиме младите во Охрид.“ – потенцира Спироска.
На вечерашниот митинг, потпретседател на ГО на АПМ, доц. д-р Рубин Земон, истакна дека еден од основните постулати на Коалицијата за позитивна Македонија е развој на граѓанско и мултикултурно општество.
„Имам прилика да ве повикам храбро да одлучите, конечно да дадеме еден позитивен ефект на развојот на нашето македонско општество. За жал, многу често се фалиме дека Македонија е модел за мултикултурен соживот, но јасно ни е дека во последните 12 години, земјава се повеќе навлегува во биполаризам.“ – истакна Земон.
Пред охриѓани се обратија и координаторот на Коалицијата за позитивна Македонија за 5-тата ИЕ, Ѓоко Стрезоски, како и пензионираниот генерал Филип Котели.
OhridNews