Охридските кандидати за пратеници од ВМРО- ДПМНЕ презентираа дел од предвидените мерки за развој на малите и средни претпријатија, содржани во изборната програма. Како што потенцира кандидатот за пратеник Александар Николоски, приоритет ќе и се даде на потребата за промена на инспекцискиот систем и системот на глоби т.е казни во Република Македонија, за чија цел е донесен Закон со кој се формира Инспекциски совет кој ги обединува сите инспекции кои ќе имаат координација од едно тело. Николоски информира дека се планира воведување на степенесто казнување на економските субјекти со цел од една страна да се почитува законот, а од друга страна да не се случи казните да го оневозможат понатамошното работење на субјектот.

Меѓу предвидените проекти за развој на малите и средни претпријатија се проектот за издавање на сите нефункционлани објекти во државна сопственост по пристапни цени, како и продолжувањето на реализацијата на проектот со кој се овозможува јакнење на капацитетите и „know-how“ на домашните компании преку обуки од стручни странски експерти во согласност со интересот и потребите на компаниите.

Предвидена е и финансиска поддршка за тренинг на НАССР тим за воведување, одржување и модификација на НАССР систем,  финансиска поддршка за женско претприемништво.

– Со мерката ќе се субвенционираат претпријатија во сопственост на жени (над 50%) и управувани од жени, државјанки на Република Македонија, преку кофинансирање на 60% од докажаните трошоци, но не повеќе од 120.000 денари, направени за следниве намени: набавка на опрема, алати и инвентар;уредување/подобрување на деловниот простор; грижа/чување на деца од претшколска возраст за жени кои почнуваат сопствен бизнис (60% од трошоците за градинка и сл., но не повеќе од 30.000 денари). Со проектот финансиска поддршка за новоосновани претпријатија од страна на млади претприемачи ќе се субвенционираат новоосновани претпријатија чии основачи (над 50%) и управители се млади лица до 30 години, државјани на Република Македонија, преку кофинансирање на 60% од докажаните трошоци, но не повеќе од 120.000 денари, направени за следниве намени: набавка на опрема, алати и инвентар; уредување на простор; изработка на визуелен идентитет на производот/услугата (веб-страница, дизајн на логотип, рекламен материјал); дизајн на нов производ и амбалажа; стручно усовршување (учество на специјализирани обуки за потребите на претпријатието), информира Николоски.

Во изборната програма содржан е и проектот за кофинансирање на проекти за нефинансиска поддршка на МСП и промоција на претприемништвото и занаетчиството.

– Со мерката ќе се кофинансираат проекти на фондации и на здруженија на граѓани кои се однесуваат на нефинансиска поддршка на МСП, како и проекти за промоција на претприемништвото и занаетчиството во Република Македонија. Би сакале да нагласиме дека ќе обезбедиме нови 100.000.000 евра за кредитирање на македонските фирми со субвенционирана каматна стапка од 5,5%. Овие средства ќе бидат обезбедени од Европската инвестициона банка како и Меѓународната банка за поддршка на развојот. Нивниот рок на отплата ќе биде 8 години за инвестиции односно три години за обртни средства. Каматната стапка ќе биде 5,5 % а разликата на каматната стапка до 7 или 8 проценти ќе биде покриена од страна на Владата на Република Македонија, рече Николоски.

Николоски додаде дека презентираните проекти имаат за цел да им помогнат на оние кои сакаат да се занимаваат со бизнис или веќе имаат отворено мал или среден бизнис во Охрид.  Потенцира дека отварањето на двете големи фабрики во Охрид исто така ќе им помогнат на малите и средни претпријатија особено од машинската и од електро индустријата, имајќи предвид дека ќе бидат потребни добавувачи и подизведувачи.

OhridNews