Сениорската карате-репрезентација на Македонија во борби и во кати, предводена од селекторот Бошко Заборски и неговиот помошник Мирче Јанушевски, ги заврши тринеделните подготовки, кои се одржаа во старата база, х. „Макпетрол“ во Струга, а пред настапот на Европското првенство (ЕП) во Тенерифе, Шпанија (10-13 мај).
– За ова ЕП направивме општи подготовки, со начин на реализација што досега не беше практика. Каратистите одлично се подготвени, а последните три недели имавме проширени викенд-подготовки, така што тие беа под постојан тренажен процес. На вторите подготовки на гости ни беше и црногорската репрезентација. Многу сум задоволен. Тоа што требаше да го направиме, како стручен тим, како федерација, во целост го спроведовме – вели Заборски.
Во последните неколку години Заборски е свесен дека каратето бележи одлични резултати, па очекува тој континуитет да продолжи и на ова ЕП.
– Сѐ до 2007 година, Македонија немаше медал од ЕП, но оттогаш нема ЕП да не донесеме медал. Наташа Илиевска во Цирих освои злато, што беше потстрек дека не е неостварливо и да се освои најсјајниот медал. Таа е подготвена да го повтори успехот и годинава. Единствено ме плашат судиските одлуки да не ја спречат на патот кон новиот успех. Од преостанатите би ги издвоил Огнен Груевски, искусен натпреварувач, од кого очекувам медал, Жарко Арсовски, носител на бронза од СП 2010, кој е во одлична форма. Тука е и Ферат Курбилиќи, чија форма оди во нагорна линија. Машкиот тим во борби годинава созреа и со добра ждрепка може и до медал, што би било врв за нашиот спорт, бидејќи потребно е да имате седум каратисти, кои се максимално подготвени за да извојуваат победи во серија – рече Заборски.
ИЛИЕВСКА ГО БРАНИ ЗЛАТОТО
Атмосферата во нашиот репрезентативен табор е оптимистичка. Членката на Макпетрол, Наташа Илиевска, во Тенерифе ќе се обиде третпат да се закити со европски медал. Таа е европска шампионка од последното ЕП во Цирих, Швајцарија, а во Загреб 2009 година беше вицешампионка.
– Докажав дека можам да освојувам медали од ЕП. Во Тенерифе одам да ја бранам европската круна. Подготвена сум за тој предизвик. Нема негативни мисли, сите сме свесни каде одиме и што треба да направиме, но со многу поголемо искуство од досегашното. Потребно е само да го дадам максимумот – вели Илиевска, која лани беше најдоброрангирана каратистка во светот во својата категорија.
Еден од македонските фаворити за медал е и штипјанецот Жарко Арсовски, носител на бронзен медал од СП во Белград 2010 година.
– Технички, физички и психички сите сме добро подготвени. Сега ни останува уште да видиме како ќе нѐ послужи спортската среќа и судиските одлуки. Во каратето сѐ е можно, па зошто да не се повтори и СП 2010, кога се закитив со бронзен медал. Досега најмногу од едно ЕП имаме донесено два медала, но сметам дека годинава може да освоиме и три, во поединечна и во екипна конкуренција – смета тешкашот Арсовски.
СЕ ОЧЕКУВА И ЕКИПЕН МЕДАЛ
Најуспешниот во светската Премиер-лига за 2012 година, членот на Металург Мартин Несторовски, со големи амбиции гледа и на ова ЕП.
– Имам искуство од сениорски ЕП, а првото место во ланската Премиер-лига само ми ја зголемува самодовербата. Верувам во оваа репрезентација, бидејќи има многу искусни каратисти. Очекувам во екипна конкуренција да се бориме за медал, а во најлош случај да бидеме петти. Добро е што немаме повредени натпреварувачи. Шпанија, секако, ќе биде фаворизирана, но тука се и велесилите во овој спорт Франција, Италија, Турција, Германија – вели Несторовски.
Сашко Патраклиев смета дека репрезентацијата е во врвна форма и дека е кадарна за првиот медал во својата историја.
– Во одлична форма сум. Одлично ги одработивме овие подготовки. Редно е да се закитиме и со првиот медал во екипна конкуренција. На турнирите во Чачак и во Сараево бевме одлични, сите сме во врвна форма, па зошто да не минеме одлично и на Тенерифе. Само да нѐ послужи ждрепката – вели членот на Македонка од Штип.
Македонија, состав
Борби, поединечно
Ико Ташев (до 60 кг) КК Металург
Тодор Ристевски (до 67 кг) КК Спорт 94
Ферат Корбулиќи (до 75 кг) КК Металург
Огнен Груевски (до 84 кг) КК Металург
Жарко Арсовски (над 84 кг) КК Макпетрол
Мери Андова (до 50 кг) КК Самурај
Наташа Илиевска (до 55 кг) КК Макпетрол
Борби, екипно
Ферат Корбулиќи, КК Металург
Огнен Груевски, КК Металург
Жарко Арсовски, КК Макпетрол
Иво Цветковски, КК Металург
Мартин Несторовски, КК Металург
Сашко Патраклиев, КК Македонка
Берат Јакупи, КК Фати
Кати, поединечно
Даниел Петкоски, КК Ронин
Кати, екипно
Марко Секуловски, КК Металург
Дино Шкоф, КК Металург
Никола Илиоски, КК Металург
фото Емилио
М.П.
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com